„Боров Дол“ археолошки расчистен, „Бучим“ може да здивне
Штип, 30.11.2017
Над 500 предмети вреден археолошки материјал е собран од локалитетот „Врчва“ на тромеѓето Радовиш-Штип-Конче, во атарот на село Горна Враштица. Десеттина археолози од Заводот за заштита на споменици на културата и музеј Штип, и околу 120-150 работници, остварија вистински подвиг истражувајќи археолошки простор од 5.000 метри квадратни, и притоа со многу внимание го присобраа го сместија во штипскиот музеј. Во идните денови овој материјал ќе биде подложен на натамошна доработка.
„Работевме од месец јуни се до крајот на октомври. За тоа време пронајдовме работи кои укажуваат на постоењето на доцноантичка рударска населба. На истражениот локалитет откривме 16 објекти со печки за метал, алати за ископ на руда, и други бројни наоди кои потврдуваат дека се работи за населба од 6-5 век пред нашата ера, монети од 2-3 век од нашата ера, а оваа населба егзистирала се до средниот век“, вели м-р Митко Штерјов, директор на штипскиот музеј.
Отворањето на рудното тело „Боров Дол“ каде се утврдени над 50 милиони тони рудни резерви има големо значење за економскиот раазвој на источниот регион, односно на општиините Радовиш, Штип и Конче. Овој капацитет му го продолжува животот на рудникот „Бучим“ за уште најмалку десет години. „Боров Дол“ со 57 проценти е на територија на општина Конче, со 39 проценти во општина Штип и со околу 4 проценти во радовишка општина. Овие општини ќе имаат постојан годишен бенефит од концесискиот надомест за експлоатација на бакарната руда.
Со овој навремен археолошки потфат е отворена можноста локалитетот да му биде предаден на користење на инвеститорот, а тоа е фирмата „Боров Дол“. Тоа ќе биде рудно тело кое рудникот за бакар „Бучим“ планира да започне да го експлоатира од средината на идната година, при што бакарната руда преку бескрајна транспортна лента ќе се носи доовој единствен во Македонија рудник за бакар.
Но, со ова не е ставен крај на археолошките истражувања на овој терен. Археолозите сега работат на локалитетот „Марчово“ кај село Дамјан, каде на времето постоеше рудник за железо. Во исто време се работи и на археолошки истражувања на потегот на кој ќе биде изграден пристапен пат до Боров Дол. Овој пат поминува низ доцноантичка некропола која сега археолозите ја истражуваат.
„Во фаза на договарање со Боров Дол сме археолошки да го истражиме теренот низ кој ќе поминува бескрајната транспортна лента од Боров Дол до рудникот Бучим. Ќе се истражува локалитетот „Канли Чаир“ (Крвава Ливада) и локалитетот Бојковци. Покрај ова ќе вршиме истражување и на Тополничка Река каде е откриен римски храм. Со овие активности ќе се доистражи целиот овој богат археолошки простор“, посочува Штерјов.