Штип 5,Март 2018
Голем број возила во центарот на Штип денес претпладне беа блокирани поради неправилно паркирање на недозволени места – тротоари и други јавни површини, или поради паркирање на одбележани паркин места без нивните сопственици за тоа да платат. Големата акција за дисциплинирање на непрописно паркираните возила беше спроведена од страна на ЈП „Стипион“, општинскиот сообраќаен инспекторат и сообраќајната полиција.
-Оваа мерка ја најавивме пред еден месец, во текот на изминатиот месец на непрописно паркираните возила се оставаа и опомени, но не беше мал бројот на возачи кои ги игнорираа ваквите предупредувања па своите возила ги паркираа на недозволени за тоа места како што се тротоарите, местата наменети за застанување на автобуси и такси возила, рече Оливера Блажева, општински инспектор за сообраќај.
Одговорните за безбедност во сообраќајот проценија дека е коректно прво да биде воспоставен сообраќаен ред на улиците покрај зградата на Општина Штип и на Полциската станица.
Според Блажева, акцијата ќе трае и во текот на наредните денови, со цел да се отсранат возилата, кои го попречуваат нормалното одвивање на сообраќајот, посебно во централниот дел на градот, каде што во попладневните часовио се создава хаос.
Штипското Јавно претпријатие „Стипион“ во надлежност има 636 паркинг места, а точно пред еден месец се укина наплатата на 200 паркинг места во населбата Автокоманда и неколку споредни улици во центарот на градот.
Во исто време беше констатирано дека приходот од наплатата на парикинг местата во текот на минатата година, според годишниот извештај на ЈП „Стипион“ бил далеку под планираното. Иако од наплата на паркирањето биле планирани шест милиони денари, собрани биле одвај 3,5 милиони денари.
-Ова се должи на намалените цени за паркирање со одлука на претходниот Совет на Општина Штип. Конкретно можам да кажам дека дневната карта за паркирање од 80 денари е намалена на 60 денари, потоа повластената карта, кои ја имаа граѓаните кои имаат канцеларии на улиците во центарот од 6.000 е намалена на 1.000 денари, зкаупот на паркинг места од 8.000 е намален на 3.000 денари и ангажираните паркинзи од 35.000 се намалени на 10.000 денари, вели Сашко Протогеров, директор на „Стипион“.