Штип, 15.07.2018
Штип денес и оддаде почит на народната хероина, прочуената партизанка, првоборката Вера Циривири-Трена по повод 74 годишнината од нејзиното загинување. Настанот се оддржа во дворот на детската градинка која го носи нејзиното славно име.
Одбележувањето го организира Општинскиот одбор на Сојузот на боречката организација од градот, а на истата, покрај почитувачи на ликот и делото на боречката организација и граѓани присуствуваше и градоначалникот Благој Бочварски.
И после 74 години од нејзината смрт, споменот за храброста на оваа народна хероина, но и нејзините идеи за слобода и рамноправност сѐ уште живеат и се вредности коишто го обликуваат нашето секојдневие.
Вера на само петнаесет години ја започнала својата револуционерна дејност и посветеност на народноослободителната борба на нашата земја. Вера Циривири – Трена загина млада, но во нејзиниот краток живот таа остави траен печат во македонската историја. Таа учествувала во омасовувањето на НОВ и СКЈ, а исто така и го организирала испраќањето на делегатите на Првото заседание на АСНОМ.
Нејзината целосна посветеност на народноослободителната борба, ослободувањето на Македонија и поставувањето темели на независноста и сувереноста на нашата земја оделе до таму што Вера свесно се жртвувала себеси и не се сокрила во некоја од куќите во кои се наоѓале скриените партизани, за да ги заштити.
Вера Циривири – Трена е значајна личност која покажа како се сака татковината и како истата се штити од домашни и странски злосторници. Нејзината самопожртвуваност и посветеноста на слободата не нејзините соборци била наградена во 1945 година, кога Македонија за прв пат станува суверена и независна држава. Тоа е врене во кое и нашата жена за прв пат добива право на глас, а женските права станале дел од Уставот на СФРЈ, што означило родова рамноправност во сферите на државниот, економскиот и општествено-политичкиот живот.
Огромен е нашиот долг кон овие жени пред кои фашистичкиот окупатор и непријател треперел. Штип и штипјани ќе продолжат да го одржуваат споменот на прилепчанката Вера Циривири – Трена и со почит и пиетет да се сеќаваат на Народноослободителната борба и најсветлиот дел од македонската историја.
Во чест на нејзиното херојско дело во време на поранешна Југославија беше издадена поштенска марка со нејзиниот лик. (види слика)