ШТИП Петочната тешка сообраќајна несреќа во која од удар на патничко моторно возило, на пешачки премин, тешко беше повреден 15 годишен ученик во електромашинскиот училиштен центар „Коле Нехтенин“ ги крена на нозе младите од овој град кои денес протестрираа пред училиштето, односно на булеварот „Гоце Делчев“ каде и се случи несреќата. Младите од градот под Исарот денес во 15 часот го искажаа својот револт од, како што беше речено, несовесните возачи но и од институциите кои не се погрижиле на соодветен начин да обезбедат заштита на минувачите на мошне фреквентниот булевар кој е влезна и излезна порта во Штип и од него.
Учениците и родителите поставија ултиматум до локалните власти веднаш да започнат со решавање на проблемот, со првично поставување на тнр „лежечки полицајци“, а потоа , во еден разумен рок да се изнајде поефикасно и трајно решение. Штипјанецот Тони Коцев кој работи во земји во Западна Европа се огласи со идеја да се применат мерки кои во западните држави дале одлични резултат. Тие мерки се на критичните места да се постават роботи-автомати „сликари“ на возилата и сообраќаен знак за максимална дозволена брзина од 30 километри на час. Според штипјанецот тоа е и најефтина и најефикасна варијанта..
Овој трагичен настане не можеше да го премолчи опозициската ВМРО ДПМНЕ чија Унија на млади сили со прес конференција на местото на настанот јавно запраша уште колку трагедии треба да се случат, за да се вклучи црвениот аларм на институциите.
Уште колку трагедии треба да се случат, за да се вклучи црвениот аларм на институциите? Зарем дојде време кога безбедноста на учениците е загрозена дури и кога се во училиште?
Тешката сообраќајна незгода која минатата недела се случи кај Општинското Основно училиште „Коле Нехтенин“, е сериознен повик до институциите да ги задоволат основните потреби на граѓаните. Трагедијата која ги вознемири граѓаните на Штип ја отвори Пандорината кутија полна со проблеми, за кои се одговорни институции на локално и национално ниво. Време е позитивно да се одговори на бројните апели на граѓаните, родителите и организациите, и конечно да се најде решение за сообраќајните проблеми во нашиот град. Меѓутоа, ова не е единствената ризична сообраќајница за учениците – преминот на учениците кон Општинското Основно училиште „Тошо Арсов“, на бул. Партизанска, сообраќајницата кај Општинското Основно училиште „Димитар Влахов“, непрегледната ул. Лески во населба Баби, се само неколку од местата за кои е потребно итно и неоложно решение од страна на Локалната самоуправа и останатите институции. Учениците ги демне опасност на секој чекор и време е властите да превземаат нешто за да се намали брзината на возење во близина на училиштата, рекоа од Унијата на млади сили на ВМРО ДПМНЕ.
Од оваа партија уште побараа итно и неодложно решение на црните сообраќајни точки, за да се заштитат учениците, да се осигурни нивната безбедност и да се овозможи секој ученик безгрижно да посетува настава, без ризик по неговиот живот.
„Ја повикуваме власта уште денес да пронајде начин за обезбедување на црните точки во градот, кои секојдневно ги ставаат учениците во животна опасност“, рекоа младите од опозициската партија.
На одговор од СДСМ не требаше да се чека долго.
„Денешниот обид на штипскиот подмладок на ВМРО-ДПМНЕ да жнее политички поени на туѓа несреќа е во целост нечовечки, нечувствително и го покажува тоталното отсуство на емпатија кај раководството на оваа партија.За овие функционери очигледно нема значење човековата емоција. Со нивната денешна злоупотреба на еден немил настан, функционерите на ВМРО-ДПМНЕ од Штип покажуваат дека немаат ниту основно човечко достоинство. Дополнително, нивното лицемерие е невидено. Само за потсетување, ВМРО-ДПМНЕ и претходниот градоначалник од оваа партијата се оние коишто ги отстранија сите објекти за смирување на сообраќајот, таканаречени лежечки полицајци. Локалната власт предводена од СДСМ работи на поставување на лежечки полицајци на повеќе локации во градот, а наскоро ќе започне изградбата на кружен тек кај крстосницата пред населбата Пребег“, рекоа од СДСМ..
И уште додадоа: „Немилиот настан од петок е навистина траорна случка која сите ние како колектив не смееме да си дозволиме да се повтори. Апелираме до сите учесници во сообраќајот, особено до возачите, да бидат внимателни, одговорни и совесни, за сите да придонесеме да бидеме побезбедни како учесници во сообраќајот“.