Кочани, 04.12.2018
Синоќа, во рестoранот „Амор“ во Кочани, настапи гудачкиот квартет „Вива стрингс“. Академските музичари – виолинистите Елена Талевска и Симон Поповски, виолистката Дубравка Зајкова и челистот Дејан Теодосиевски понудија специјално подготвена програма со обработки на популарни рок, соул, фанк, рап и џез-теми.
–Програмата што ја нудиме е несекојдневна, ова е нешто што исклучиво ние го работиме, овде во Македонија, едноставно сметавме дека музиката треба да ја доближиме до обичниот граѓанин, кој ако не е бомбардиран со турбо фолк, тогаш е бомбардиран со популарна музика. Ние земавме мотиви од хитови, направивме обработки, аранжмани за квартетот и целата програма содржи композиции коишто се наши, авторски обработки на популарни песни – изјави Дејан Теодосиевски.
Публиката имаше можност да проследи обработки на хитови од АББА, Мајкл Џексон, Стинг, Квин, Ренси Крафорд, Ерик Клептон.
Членовите на „Вива стрингс“ истакнуваат дека публиката не е навикната да сретне гудачки квартетсо ваков музички израз, затоа што од квартет се очекува музика којашто е класична, но по тоа што ќе го слушне, секогаш следува воодушевување – што се докажа и во Кочани.
Покровител на настанот е Министерството за култура на Република Македонија, поддржан од Општина Кочани и Центарот за култура „Бели мугри“.