Пехчево, 16.12.2018
Хотелот „Гогов“ во Пехчево, кој е штипска инвестиција, е уреден по највисоки стандарди. Се во него е на ниво: од луѓето на рецепцијата, преку ресторанскиот персонал, супер храната чија основа е локалната гастрономска традиција, па се до удобните топли соби за ноќевање.
Но, при синоќешниот престој посебен впечаток ни остави музичката група АБА. Постојат повеќе елементи зашто сакам да ја раскажам оваа приказна за АБА. Прво, затоа што 90 проценти од песните кои ги исполнуваат се – македонски. Второ, затоа што вокалот Ангела Здравковска пее подобро од мал милион пејачи кои секојдневно дефилираат на нашите радија и телевизии. Трето, затоа што сите музичари се од Пехчево, еден е дипломиран музичар, друг е наставник по музичко, трет е директор на фирма, четвртиот е вработен во Фонд за здравство.
Андреј Каракашев кој свири гитара и бас гитара работи во Фонд за здравство, Благојчо Јовевски, свири гитара е и дерекор на „Алкалоид“-Берово, Александар Парасков свири на мандолина и е пејач, а е наставник по музичко, додека Гаврил Галевски, дипломиран музичар свири на кларинет.
Групата постои три години и согласно квалитетот кој го има слободно може да настапува на било кој наш фестивал. Една пријателка, слушајќи ја Ангела како пее, рече дека таа подобро ги пее сите песни од сите македонски пејачки и пејачи кои токму со таквите песни се прославиле.
За музиката не се раскажува, таа треба да се почувствува, а во хотел „Гогов“ каде АБА свири секој викенд вреди да се биде и поради сето погоре напишано.
Инаку, вокалистката Ангела, е дипломиран правник и работи во фирма во Скопје а со групата секој викенд е во хотел „Гогов“.
(и.б.)