Штип, 23.07.2019
Браната на реката Отиња ќе започне да се гради идната пролет, а istokpress.mk со текст и фотографии ви нуди информации за проектот кој ќе ги обележи изминатите три децении одкако нашата држава стана независна.
Круната на браната ќе биде висока 34 метри, колку што е висока зграда од единаесет ката и ќе биде од камено насипен тип. Вештачко езеро ќе може да акумулира три милиони кубни метри вода, а хидролозите тврдат дека браната ќе се полни целосно во услови и на средно врнежлива година.
По зафатнината браната на Отиња во регионални рамки ќе биде поголема од браната Гратче кај Кочани чиј капацитет е 1,8 милиони метри кубни вода, од браната Мавровица кај Свети Николе чија акумулативна моќ е 2,1 милиони метри кубни вода и од браната Пишица кај Пробиштип која акумилира 780.000 метри кубни вода.
Како што е познато премиерот Заев, при последната посета на Штип, објави дека Владата донела одлука од државниот буџет да бидат издвоени 7,5 милиони евра за изградба на браната и остварување на полувековниот сон на штипјани.
Браната ќе служи за повеќе намени: за спорт и рекреација, за одмор и релаксација, за спортски риболов, за спортови на вода и за неопходниот минимум кој ќе се испушта по коритото на 2,2 километри долгата река која минува низ центарот на Штип. Со тоа во централното гратско подрачје ќе дојде до намалување на пеколните летни температури.