Младите Викторијан и Душица урбаното, загадено Скопје го заменија за живот во Берово

Берово, 05.11.2019

Животот навистина пишува романи, а неретко ги демантира и востановените приказни на разни теми. Таков е случајот и со Викторијан и Душица Муцунски, млад брачен пар кој живеел во Скопје но донел храбра одлука да го напушти градот кој е сон на многу млади и да замине да живее во малото Берово. Во она Берово за кое се пишува дека сите бегале од него.

Убавата приказна ни ја раскажува Виокторијан, роден скопјанец, кој има 26 години.

74188956_372833663435222_7486897354419732480_n_448x600-Пред една година со мојата сопруга Душица донесовме одлука да ја напуштиме метрополата и да заминеме да живееме во Берово од каде се корените на моите предци додека Душица потекнува од Делчево. Годинава ја реализиравме таквата одлука. Го продадовме станот во скопски Аеродром, купивме плац во Берово, напролет ќе започнеме со изградба на нашиот нов семеен дом. Веќе извадивме лични карти, станавме жителин на ова преубаво за живот место, вели Викторијан.

Тој има дипломирано на факултет по туризам и економија, неговата сопруга Душица е магистер по право. Тие годинава си ги спакувале работите стекнати во бракот, натовариле се што имале во камион и се преселиле во Берово каде привремено живеат во куќа на нивен близок роднина.

На нашето прашање што тоа не им се бендиса во Скопје, а што тоа привлечно најдоа во Берово, Викторијан дава ваков одговор.

-Главен „виновник“ за сето ова е мојот дедо Слободан кој секој викенд ме носеше во неговото родно Берово и ми ги промовираше убавините на животот во мало место. Подоцна и самиот сватив дека менталитетот на луѓето во Скопје и во Берово е многу поразличен,  тука секој ти подава рака и во миг ти станува пријател што не е случај во главниот град. Одлуката за преселба ја забрза и лошиот квалитет на живот во Скопје, загадениот воздух, проблемите во сообраќајот,  кога таму имаше епидемија од морбили во Берово немаше ниту еден таков случај, во голем град има и повеќе насилство, а во Берово такво нешто нема. Тука е и најважниот факт што ние имаме петмесечен син чие растење во здрава животна средина ни е најважно, појаснува Викторијан.

Викторијан е на менаџерска позиција во надалеку познатиот хотел „Манастир“ создаден од инспирагтивната природа на дедому Слободан. Душица засега се грижи за синчето. Тие имале убава работа и во Скопје, но одлучиле дека Скопје не е нивна опција.

-Сакам да бидам јасен и да соопштам дека Берово е едно феноменално место. Јас некако сум убеден дека ни претстои обратен процес, дека многу, пред се млади луѓе ќе осознаат дека животот во помало место како што е Берово во многу важни сегменти е подобар. Тука магла нема никогаш, воздухот е прекрасен, летата не се пеколни како во големиот град, со секој на улица си на „добро утро-добар ден“. Во Малешевијата храната има сосема поинаков вкус од онаа во Скопје зашто тука се е природно, укажува Викторијан.

Тој оценува дека приказните според кои од Берово сите се исселувале, баш и не биле сосема вистинити. Според него има одење од Берово не не во толкав обем.

Во Берово е стопати поубав животот отколку во Скопје. Помирен, порелаксиран, повеќе инспиративен. А тука е и најважнот факт тоа што сакавме нашиот петмесечен син да живее во најздравата животна средина во државата.

-Ако од ова мало место се иселат двајца-тројца тоа ведна ќе се почуствува и за тоа ќе се говори и пишува, што не е случај со поголемите местаЈас се надевам дека со нашиот пример ќе повлечеме нога, но тука треба да помогне и државата Берово како мала општина да има шанса за стопански развој пред се во она што е негова предност, а тоа на прво место е туризмот кој зема замав, дрвната индустрија, тука е и можноста за отворање фабрики кои сировината ја имаат во илјадниците хектари шумско овошје, билки , во фабрика за преработки од преслаткиот беровски компир.

Викторијан вели дека младите чии корени се од Малешевскиот крај треба барем еднаш месечно да доаѓаат тука. Така тие ќе ја виделе, ќе ја осознаеле убавината на животот во местото на нивните предци, а некои од нив ќе донеле одлука како што е одлуката на Викторијан и Душица.

Дека и во тоа има вистина покажува еден друг пример. Млад човек исто од Берово дипломирал на Рударскиот факултет во Штип. Бил примен на  работа во рудникот Саса, добил одлична плата но по неко време одлучил дека тоа не е за него и се посветил на сточарството. Сега тој во Берово има голем сточен фонд од кој прави млечни производи кои однапред се продадени.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе