Делчево, 27.11.2019
Со пригодна свеченост денеска во Делчево Здружението Фолклорна група „Копачка“ одбележа 5 години од впишувањето, на ова по многу нешта уникатно оро, на Репрезентативната листа на нематеријалното културно наследство на УНЕСКО.
Одбележувањето на овој несекојдневен јубилеј, започна со посетата на Спомен-собата на дедо Митко, долгогодишен ороводец на ФГ „Копачка“ која се наоѓа во Белчанското Маало во с. Драмче, а продолжи со дефиле на учесниците на настанот низ улиците во центарот на Делчево.
Централниот настан на кој освен „Копачката“, настапи и уште седум фолклорни друштва од соседна Бугарија и од Источниот дел од државава, го отвори градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски, кој истакна дека нема делчевец кој не е горд на играорците од ФГ „Копачка“ кои успеаја да го однесат орото високо на светската листа на нематеријално културно наследство креирана од УНЕСКО, но и да ја одржат фолклорната група на патот долг 71 година и да го промовираат она што е уникатно за нас и за овој крај, традиционалното оро „Копачка“.
-За „Копачката“ се пишуваше многу, се раскажуваше за нејзиниот пат од Драмче, преку европските и балканските сцени, па сѐ до УНЕСКО. Приказната на „Копачката“ е и единствена по многу нешта, но во овие години, заеднички именител е ентузијазмот, љубовта кон фолклорот, несебичноста. Затоа, денес и играорците и нивните раководители и јас како градоначалник и Општина Делчево, како и Министерството за култура, сите заедно делувајќи секој од свој аспект, се стремиме кон повисоки вредности, кога е „Копачка“ во прашање. Ние денес работиме да го одржиме орото, да го промовираме и уште еднаш да докажеме дека тоа е живо оро, оро кое обединува стари и млади и кое е предизвик за играорците, бидејќи секој не може и не умее да го игра, истакна Трајковски.
Одбележувањето продолжи со промоција на збирката „ Јубилеј пет години- Копачката во УНЕСКО“ при што промоторот, секретарот на Здружението, Перса Стојановска, истакна дека збирката е субвенционирана од Министерството за култура на Република Северна Македонија и е од национален интерес во културата за 2019 година од областа на заштитата на нематеријалното културно наследство.
-Оваа брошура е двојазична и тоа на македонски и на англиски јазик, а ги опфаќа позначајните проекти реализирани во периодот, од крајот на 2014 до октомври 2019, а кои придонесуваат за одржливоста на орото „Копачката“ на Репрезентативната листа за нематеријални културни наследства на УНЕСКО. Во својство на раководител на проектите, одговорно тврдам дека со нивното реализирање и разновидните автивности почнувајќи од истражувачката дејност на традиционални вредности, па издавачка дејност со содржини врзани за опстојот на „Копачка“, настапите на фестивали, манифестации во земјата и странство, организирањето семинари, концерти, јубилеји итн. заокружуваме период на успешно негување на нематеријалното културно наследство на Пијанец, а со тоа и на „Копачката“, рече Стојановска
Пред присутните се обрати и раководителот на ФГ, фолклористот, Димитар Узунски кој животниот век го посвети на „Копачката“. Потврдата од УНЕСКО за „Копачка“ е всушност, потврда за трудот и работата со играорците од Драмче и остварување на неговата животна цел да се заштитат чекорите на „Копачката“ со што се спасува од заборав една долга и уникатна ороводна традиција.
На 27.11.2014 година во Париз, на 18-та пленарна сесија на Меѓувладиниот комитетот на УНЕСКО за нематеријално културно наследство, беше донесена Одлуката за впишување на бисерот „Копачка“- соборско оро (машко и женско), од село Драмче, Пијанечки регион, во престижната Репрезентативна листа на УНЕСКО за нематеријални културни наследства на човештвото.
(Д.Т.)