АНАЛИЗА: Очекувања за економската 2025 година

Eкономски раст од 3,7 отсто, повисоки пензии за 2.500 денари, борба со сивата економија без да има промени во даночната политика. Општините ќе почнат да ги трошат парите од Унгарскиот кредит, државата ќе враќа доспеани долгови од стотици милиони евра. И 2025 ќе биде изборна година – партиите ќе ги мерат силите на локално ниво, пишува Порталб.

Раст на БДП, повисоки плати, „предизборни“ 250 милиони евра за општините

Според прогнозите зацртани во новиот Буџет, 2025 ќе биде добра година за економијата – БДП ќе се зголеми за 3,7%, а бруто-инвестциите за 8,1%. Во 2025 година, според владините анализи, се очекува подобрување на надворешното опкружување и зголемување на надворешната побарувачка.

„Согласно најавите од страна на странските инвеститори, очекувано е зголемување на капацитетите на постојните компании во развојните зони, а владата ќе продолжи со активностите за привлекување на нови странски инвестиции. Сето ова ќе придонесе извозот да премине во позитивната зона и да изнесува 4,2% во 2025 година. Истовремено, зголемените инвестиции и растот на домашната побарувачка ќе влијаат на зголемување на увозот, чиј раст во 2025 година е проектиран на 4,4%“, се наведува во Буџетот 2025.

Аналитичарите сепак потсетуваат дека воените жаришта на исток не само што не се „изгаснати“, туку и во одредени зони ескалираат и дека сè уште демне ризикот од нови ценовни удари. Дополнително, Европа е во исчекување дали администрацијата на претседателот Трамп ќе ја промени царинската политика што би имало сериозни економски последици во глобалната трговија.

„Резултатите со кои ќе ја завршиме оваа година не даваат многу простор да се биде оптимист за наредната, 2025 година. Инфлацијата во ноември повторно се зголеми, јавниот долг значајно ќе ја надмине границата од 60 отсто од БДП, економскиот раст е повеќе од скромен, иако во третиот квартал бројките беа солидни. Во прилог на оваа констатација одат и развојот на ситуацијата во кризните жаришта (што има и глобални економски ефекти), состојбите кај нашиот најзначаен трговски партнер, Германија, но и најавите за воведување царини за европските земји од страна на новата администрација на САД, што посредно ќе влијае и врз македонските извозни компании“ вели новинарот – колумнист Мирче Јовановски.

Ефикасна администрација, целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор

2025 година ќе биде прва целосна година за власта преводена од ВМРО-ДПМНЕ. Според зацртаните приоритети, и во новата календарска година на агендата се ЕУ интеграциите, енергетската транзиција, борба со сивата економија.

Еве дел од планот на власта :

професионална и ефикасна јавна администрација

интеграција на Република Северна Македонија во Европската Унија

целосно спроведување на Охридскиот рамковен договор, јакнење на мултикултурната кохезија

фикасна борба против корупцијата и криминалот, независност на правосудството

Според аналитичарите, со оглед на големите изборни ветувања, граѓаните ќе очекуваат резултати не само на економски, туку и на внатрешно и надворешно политички план.

„Владата ја чека многу работа за да испорача барем дел од нејзините предизборни ветувања. Тука како главни приоритети би ги издвоил: видливи резултати во борбата против корупцијата и сивата економија, кои според сите анализи се едни од најважните фактори кои влијаат и врз економскиот раст. Не помалку важни се и структурните реформи (од што барем до сега, не видовме ништо), или, ако ништо друго, барем навремено спроведување на мерките од Планот за раст кои самите ги предложивме, а ги одобри Европската комисија, а кои ќе овозможат добивање на средства од европските фондови во рамки на планот за раст на земјите од Западен Балкан“, вели Јовановски.

2025, исто како и 2024, ќе биде изборна година – партиите ќе се „соочат“ на локално ниво. Ќе се бираат 80 градоначалници и прв човек на Град Скопје. Во предворје на изборите, општините веќе ќе ги трошат 250-те милиони евра од Унгарскиот кредит – пари кои, според аналитичарите, несомено ќе имаат влијание врз изборниот исход, а на почеткот од годинава компаниите треба да ги добијат и првите кредити, исто така од Унгарскиот кредит кои ќе ги делат деловните банки.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе