Измамена жена од Пробиштип, во нејзино име подигнати два кредита во износ од над 1 милион денари

Жителка на Пробиштип вчера во полиција пријавила дека била измамена од едно лице за сума од 1,4 милиони денари, соопшти попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР).

Според пријавеното, на почетокот на јануари годинава, лицето телефонски стапило во контакт со жената и ѝ рекло дека е по потекло од Штип, но живее во Велика Британија. Измамникот на жената од Пробиштип ѝ кажал дека во неговата агенција стигнал документ со кој наводно се потврдува дека таа е наследник на 590.000 евра, кои биле во криптовалути и доколку сака да ги земе, ќе мора да плати одредена сум на пари.

Лицето ја убедило да инсталира неколку апликации на мобилниот телефон и да подигне кредит од финансиско друштво во износ од 250.000 денари, кои измамникот веднаш ги преземал преку една од апликациите со која имал контрола над нејзиниот телефон.

Исто така, според пријавеното, на почетокот од февруари, измамената жена извадила извод од банка и констатирала дека преку електронско аплицирање, а без нејзино знаење и одобрение, биле подигнати два кредита од банката во вкупен износ од 1,184 милиони денари.

Од МВР соопштија дека се преземаат мерки за расчистување на случајот.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе