Во 2025 година ќе продолжи изградбата на зградите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство (ФИНКИ) и Факултетот за физичко образование, спорт и здравје (ФФОСЗ – ДИФ), изјави денеска министерката за образование и наука Весна Јаневска.
Зборувајќи на заедничка прес-конференција со премиерот Христијан Мицкоски, Јаневска рече дека изградбата ќе продолжи кон крајот на следната година.
Упати критика што зградите долго време биле оставени без никаква грижа.
„Многу е жално што овие две згради веќе 7-8 години стојат без ништо да се преземе во врска со нив, па дури ни да се заштити тоа што веќе беше изградено. Да, изградбата на овие две згради ќе почне кон крајот на 2025 година. Во овој момент правиме сериозни анализи. Евентуално, за оштетувањето, потребно е да се направи препланирања на просторот. Голем проблем кој треба да се реши е греењето – она што е предвидено не е соодветно. Секако, планираме и измена на фасадата. Веќе сме во контакт со стручни лица кои дааваат совети и мислења“, изјави Јаневска.
„Сеедно е кога ќе почнеме – дали во ноември 2025 или јануари 2026, во нашиот мандат тие две згради ќе се доградат“, додаде министерката.
Во меѓувреме, најголемиот и најброен факултет во државата, ФИНКИ, останува без свој сопствен објект, исто како и неговиот „иден сосед“ –ФФОСЗ. Најавата дека претходникот на Јаневска, Јетон Шаќири, оти изградбата на зградите на овие два факултета ќе продолжи годинава не се реализираше.
Изградбата на двата објекта која започна во декември 2015 година како дел од проектот „Скопје 2014“, осум години подоцна, не е завршена. Двете згради кои беше предвидено да бидат во барокен стил, требаше да ги решат проблемите на факултетите кои со години опстојуваа(т) во лоши услови. Изведувач на градбата беше фирмата „Бетон-Штип“, но откако во јули 2019 отиде во стечај, изградбата прекина.
Поради недостатокот на училници, во моментов за задолжителните предмети на ФИНКИ се одржуваат физички предавања, додека најголемиот дел од изборните предмети студентите ги следат онлајн.
Мета.мк активно пишува за овој предизвик на студентите и раководствата на двата факултета.
Студентите и вработените на ФИНКИ пролетва организираа протести поради немањето зграда и побараа што поскоро да добијат простории соодветни за бројот на студентите и видот на струките кои ги изучуваат.
Универзитетското студентско собрание на УКИМ, пак, испрати официјално барање до владата да распише студентски конкурс за решение за фасадите на новите објекти на двата факултета.
Во документот, студентите велат дека се незадоволни од моменталното решение, особено за фасадите на зградите чија изградба е во прекин со години. Бараат на конкурсот да може да се пријават студенти кои ќе создадат иновативен и одржлив дизајн соодветен за кампусот.