Кочани, 19.06.2023
Дел од високите зони на Кочани и селото Бели трет ден се без вода за пиење. Од локалното јавно претпријатие причината ја објаснуваат во оштетувањето на главната водоводна линија која помуинува под Кочанса река.
-Високиот водостој во речното корито предизвика кинење на металната цевка во близина на пешачкиот мост кај градскиот пазар.Оштетувањето е лоцирано и веќе се преземани активности за отстранување на дефектот. Неопходно е да се сврти текот на водата во реката за да може да се пристапи до местото каде што е дефектот. Со оглед на фактот дека се работи за сериозен зафат, засега не може со сигурност да се каже кога ќе биде поправено оштетувањето, рекоа од стручните служби во комуналното претпријатие „Водовод“.
Дефектот настанал во саботата попладне, поради што без вода останале жителите во населбите Драчевик и Варница, и на улиците „Скопска“, „Охридска“, „Бел Камен“, „Коста Рацин”, „Ударничка”, „Шукри Шаин” и „14 Бригада” во Кочани, како и сите корисници од селото Бели.
„Ако прекинот потрае ние сме подготвени со цистерни да им обезбедиме вода на граѓаните до кои водата поради дефектот на системот на доаѓа“, рекоа од Територијалната противпожарна единица и од Доброволното противпожарно друштво од Кочани.