Конзервативната партија ЦДУ/ЦСУ ќе биде најголемата партија во следниот германски парламент со 28,5 отсто од гласовите. Фридрих Мерц, кој сега е во позиција да стане следниот канцелар на Германија, рече дека нема време за губење за формирањето влада.
На второто место по завршувањето на денешните избори се најде екстремно десничарската Алтернатива за Германија (АфД), со рекордни 20 отсто од гласовите. На третото место е СПД на досегашниот канцелар Олаф Шолц, која освои 16 отсто од гласовите, а веднаш по нив е партијата на Зелените со 13,5 отсто.
Со оглед на изборните резултати, извесни се коалициони преговори со оглед на тоа дека партите ретко добиваат мнозинство на германските избори, а Мерц ќе мора да отвори разговори со другите партии за формирање влада. Тој ја поздрави историската изборна вечер и вети дека ќе ги започне разговорите за градење коалиција што е можно поскоро.
„Водевме тешка изборна кампања за важни теми. Сега ќе разговараме меѓу себе. Мора да бидеме способни да дејствуваме брзо“, рече тој.
Актуелниот германски канцелар и лидер на Социјалдемократската партија (СПД) Олаф Шолц ја презеде одговорноста за лошите избори на неговата партија.
„Ова е горчлив изборен резултат за СПД, ова е пораз. Тоа е резултат што ќе треба да го оставиме зад нас“, рече тој на собирот во седиштето на партијата, велејќи дека ја презема одговорноста за резултатот. Шолц рече дека никогаш нема да се помири со ваквиот резултат на крајно десничарската партија АфД. Лидерката на партијата Алис Вајдел, пак, изјави дека партијата никогаш не била посилна.
„Никогаш не сме биле посилни – ние сме втората најголема сила. Ние сме единствената партија со двоцифрен раст во однос на изминатите избори. На следните избори ќе ја преземеме функцијата од ЦДУ и ќе бидеме на прво место“, рече Вајдел и доби бурни овации од толпата присутни на настанот во Берлин.