Приведената и протерана од Србија македонска државјанка е Искра Росо, извршна директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ, но зошто?

Скопје, 24.01.2025

Извршната директорка на Здружението за поддршка на лица со посебни потреби СОЛЕМ Искра Росо е македонската државјанка и претставничка на невладиниот сектор која била приведена и протерана од српската полиција и депортирана од Србија во Северна Македонија.

Во писмена изјава за МИА таа посочува дека на 21 јануари годинава за време на нејзиното учество на обука за стратегии за генерирање приходи за непрофитни организации, која се одржала од 20 до 21 јануари во Белград, се соочила со неочекуван инцидент кога по враќањето во хотелот била задржана од полицијата без јасно објаснување. Росо вели дека подоцна дознала дека ѝ била издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци врз основа на Законот за странци.

„По враќањето во хотелот каде што бев сместена, бев задржана од страна на полицијата и, заедно со уште неколку учесници, префрлена во полициска станица без јасно објаснување. Подоцна дознав дека ми беше издадена забрана за влез во Србија во траење од 12 месеци, врз основа на член 78 од Законот за странци. За време на процесот, не добив објаснување за задржувањето, што дополнително ја зголеми неизвесноста и вознемиреноста кај мене и другите учесници. Иако морам да напоменам дека полицијата во Белград се однесуваше крајно професионално. Веќе имам поднесено барање до Министерството за надворешни работи во Скопје за добивање информации за причините за издавање на забраната за влез, а воедно подготвувам процес за жалба на решението“, посочува Росо во изјавата за МИА.

Балканските медиуми пишуваат дека ноќта помеѓу 21 и 22 јануари во Белград вкупно 13 странски државјани од Хрватска, Словенија, Словачка, Северна Македонија, Албанија, Молдавија, Романија, Австрија и Чешка, биле приведени, а потоа и депортирани од Србија без објаснување. Тие биле дел од Ерсте академија за невладини организации, во организација на Ерсте фондацијата. Учесниците се приведени ноќта од хотелот во кој биле сместени во Белград без објаснување, а по неколкучасовно задржување морале веднаш да ја напуштат Србија. Притоа тие добиле и забрана од една година за влез во земјата.

Во Србија денеска има генерален штрајк или „општа граѓанска непослушност“, на кој граѓаните ги повикаа студентите што организираат блокада да им се приклучат.

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе