Само така, браќа и сестри

Охрид, 14.08.2024

Една година сум постар од вас, односно вашата установа, нашата гордост, кога е во прашање медицинскиот третман, посебно од аспект на, колоквијално кажано – здравствениот туризам.

Ве следам цел професионален век, ете, дојде време и “прилика!” сега да сум и ваш пациент. Сум пишувал и сум се сретнувал со академик Илизаров. Вам, на лекарите, тој нека ви биде идол, светлина и цел. На медицинските сестри, нека им биде водилка и мотив, некогашната главна сестра Везирка, за која сум навезал безброј интервјуа.

Пишував за донациите од Вангел Наумовски, со радост и гордост известував, кога претседателот на СФРЈ, другарот Јосип Броз Тито, за Нова Година, за децата кои се лекуваа тука, испраќаше кошнички со портокали, од него набрани на островот Ванга. Заедно со Тито, вие сте дел од приказната за македонската држава и државност. Бидете горди на тие факти, но и заветни, да ги чувате и унапредување сите достигнувања. Со респект и признателност од вашиот сегашен пациент, врсник и содејник.

Во тек на изминатите шест месеци, во ЈЗУ Специјализирана болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид се реализираа повеќе значајни инфраструктурни проекти за подобрување на условите на работа со помош од донации на неколку опшествено одговорни компании. Во знак на благодарност, компаниите-донатори добија икони од заштитникот на болницата. Директорот, д-р Јордан Смически, истакна дека болницата продолжува да го проширува спектарот на услуги и да се бори со инфраструктурните и кадровски предизвици.

                                                                          Веле Митаноски

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе