ШTИП: Ученици од четири основни училишта ќе се здобијат со знаења за врсничко насилство во кампањата на „Макпетрол“
Штип, 29.01.2024
Основните училишта во Штип, „Ванчо Прќе“,„Тошо Арсов“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ се приклучуваат на „Крени глас против врсничкото насилство“, општествено одговорната кампања на „Макпетрол“, објави независен.мк.
Основните училишта во Штип, „Ванчо Прќе“,„Тошо Арсов“, „Гоце Делчев“ и „Димитар Влахов“ се приклучуваат на „Крени глас против врсничкото насилство“, општествено одговорната кампања на „Макпетрол“. Учениците од овие образовни установи ќе имаат можност, преку работилници организирани од компанијата, подобро да се запознаат со причините за ваквото однесување, како и со последиците од булингот. Со цел поефикасна реализација на активностите денес беше потпишан меморандум за соработка.
– Во светски рамки, врсничкото насилство и понатаму е еден од најприсутните проблеми на младите, но истиот најчесто се премолчува. Ако се знае дека ова сфаќање е присутно наназад со децении, воопшто не изненадува што бројот на случаи не само што се намалува, туку и се зголемува. Македонија, иако е значително помала средина, не е имуна на врсничкото насилство, а оваа појава, за жал, и кај нас се третира како вообичаена фаза низ која што сите млади поминувале и во иднина ќе поминуваат. Нештата, сепак, и на глобално ниво се менуваат, веќе има земји со програми преку кои што се борат со булингот. Една од нашите цели е да поттикнеме отворен разговор за оваа тема, но сакаме и во пракса да им помогнеме на младите со тоа што ќе имаат пристап до потребните знаења – вели Марија Јосифовска-Спасовска, член на Управниот одбор и директор во „Макпетрол“.
Штип е десеттата општина што се вклучува во кампањата „Крени глас против врсничкото насилство“. Меморандуми за соработка досега беа потпишани и со општините Центар, Аеродром, Гази Баба, Гевгелија, Демир Капија, Куманово, Карпош, Кисела Вода, како и Ѓорче Петров. Во пет од овие општини работилниците веќе се одржаа, а во останатите реализацијата ќе се одвива во периодот што следува.
Преку работилниците, учениците од психолог се запознаваат со булингот, односно со неговите форми како физичко, вербално, односно, психичко, социјално и сајбер-насилство. Во овие едукативни средби учествуваат и стручните служби кои што споделените искуства потоа можат да ги применат во секојдневната настава.
За сите училишта „Макпетрол“ испечати материјал преку кој што не само учениците, туку и стручните служби, како и родителите, имаат можност да се здобијат со знаења за проблемот со булингот.
„Крени глас против врсничкото насилство“ е едукативна кампања чиј носечки и најзначаен дел е интернет-страницата kreniglas.mk. Вебсајтот има за цел да пренесе знаење до сите што можат да помогнат во решавањето на проблемот со врсничкото насилство – децата, родителите и наставниците. На оваа интернет-страница секој што бил жртва или имал искуство со булингот, може анонимно да ја сподели својата приказна.
„Макпетрол“, преку оваа општествено одговорна кампања, цели кон зголемување на јавниот интерес за булингот, причините за неговата појава, како и далекусежните последици. Секоја општина или образовна институција, што ја препознава оваа активност и сака да се вклучи во кампањата, може отворено да контактираат со „Макпетрол“. Целта на ваквите соработки е заеднички да се изнајдат решенија за врсничкото насилство како проблем што има суштинско влијание врз развојот на децата и на младите..