Сиљановска-Давкова од Мечкин Камен: Македонската држава не е стебло без корен, таа е вкоренета во демократските и хумани визии на Гоце Делчев и неговите соборци

Претседателката Гордана Сиљановска-Давкова, денеска се обрати на чествувањето на 2 Август – Илинден, Денот на Републиката на Мечкин Камен во Крушево. Таа ја истакна вековната македонска борба за самостојна и суверена држава чии темелни вредности и принципи се запишани во Крушевскиот Манифест.

Со силна историска и идејна нишка што го поврзува минатото со сегашноста, пораката од Мечкин Камен по повод Илинден го акцентираше континуитетот на македонскиот стремеж за слобода, правда и еднаквост, ставајќи посебен фокус на европските демократски вредности и потребата од ново зацврстување на републиканските корени на државата. Во говорот упатен до граѓаните, се нагласи значењето на Крушевската Република како “помлада сестра” на Римската Република на Мацини и Париската комуна, како и на идеалите вградени во АСНОМ и Уставот од 1991 година. Историските личности Гоце Делчев, Питу Гули и Никола Карев беа истакнати како водилки на македонскиот пат кон слобода, чие дело денес треба да инспирира длабоки општествени и институционални реформи
„Време е за нова пролет на нашата македонска република, за навраќање на републиканските корени. Што значи тоа? Македонските граѓани од својата република очекуваат барем две нешта  ̶  слобода и правда.  Кога зборувам за слобода, не мислам само на политичката, туку и на економската, на академската, на културната, на социјалната… Кога зборувам за правда, не мислам само на правосудството, туку и на социјалната, еколошката и на генерациската правда. Не смееме да изумиме дека предуслови за слободата и за правдата се владеењето на правото и еднаквоста пред законот“, порача Сиљановска-Давкова од Мечкин Камен.
Осврнувајќи се и на пожарите кои изминатиов период ја зафатија државава, претседателката порача и дека за помалку шумски пожари, потребен е не само правен, туку и ефикасен институционален систем, за чие воспоставување се во тек активности.За неа нема дилема дека имаме потреба од длабоки и суштински реформи во секоја област по европска мерка, но посочи и дека легитимно прашање е дали и колку денешнава Европска Унија, односно нејзините највисоки претставници се во дослух со идеалите на своите идејни творци и основач.
„Неразбирливо е пратеници среде Европскиот парламент, кој за мене е, така ги учам и студентите, школа на европската демократија, да ве квалификуваат како млад народ и млада држава, со модерен јазик и модерен идентитет. Не е 100 години, претходно, многу модерно!“, кажа Сиљановска-Давкова.
„Најперспективните млади луѓе, Македонци, Албанци, Турци, Срби, Роми, Власи, Бошњаци и други, масовно се иселуваа во потрага по пристојно место за живеење. Меѓу нив, заради нашата вештачка одделеност од ЕУ, од економски причини, има и наши сограѓани коишто посегаат по државјанства на нашите соседи, членки на Европската Унија, што буди националистички апетити кон нас“, додаде претседателката.
Македонија денеска слави 122 годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република и 81 години од Првото заседание на АСНОМ.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе

Istok Press