09.09.2023
Во рок од 16 месеци Делчево треба да добие нова детска градинка. За тоа во Делчево, министерката за труд и социјална политика, Јована Тренчевска, градоначалникот Горан Трајковски и претставник од фирмата –изведувач Атриум од Вевчани потпишаа договор за изградба на новата детска градинка која ќе биде лоцирана во населбата Расадник.
За Делчево изградбата на новата детска градинка е капитална инвестиција во раниот детски развој и таа ќе овозможи прием на сите дечиња во претшколското образование, потенцираше градоначалникот Трајковски.
– Нема поубав подарок за своите сограѓани од почетокот на реализацијата на нов капитален проект за граѓаните, посебно кога проектот се однесува за најмалите и младите родители. На овој убав ден, кога Делчево одбележува 79 години од ослободувањето-го потпишавме Договорот за изградба на новата детска градинка во нас. Расадник со министерката Тренчевска. Изразувам јавна благодарност до министерката и до МТСП за поддршката на Делчево на патот на неговиот развој и уште еднаш ќе потенцирам дека новата градинка ќе биде современ , уникатен објект кој ќе го краси Делчево, а неговата намена –да згрижува и воспитува дечиња од најмала возраст со капацитет од 130 дечиња, ќе значи и анулирање на листата на чекање за прием во детската градинка.
Министерката Тренчевска истакна дека согласно Проектот за изградба на градинката, се обезбедува опфат на 130 деца од предучилишна возраст. Односно шест групи со деца на возраст од две до пет години и две јаслени групи.
-Новоизградениот објект, организациски и функционално ќе биде дел од постојната Јавна установа „Весели Цветови“, но ќе обезбеди независност во своето функционирање и вршење на својата основна дејност согласно законот. Имено, станува збор за изградба на современа градинка која ќе биде ефикасна како во поглед на енергетските трошоци и нејзиното одржување, така и во поглед на извршување на нејзината функција, а тоа е да обезбеди соодветен безбеден простор за престој на децата каде ќе учат и развиваат нови животни вештини, истакна Тренчевска.
Таа додаде дека изградбата на новата детска градинка е дел од Програмата на Владата на Република Северна Македонија за изградба, опремување и одржување на објекти за детска заштита за 2023 година. Ова е уште една потврда за тоа колку е значајна соработката помеѓу централната и локалната власт. Општината најдобро ги знае потребите на своите жители и кога таа ги адресира нивните потреби, доаѓа до реализација на проекти од кои директна придобивка имаат граѓаните.
За перманентна поддршка на Општина Делчево во развојот на градот, а по повод Денот на ослободувањето на Делчево, градоначалникот Трајковски ѝ додели Плакета на министерката Тренчевска.
Инаку, изградбата на детката градинка треба да започне деновиве, а рокот за завршување на работите е 16 месеци. Вредноста на работите е околу 60 милиони денари со ДДВ, обезбедени од комбинирани извори, од МТСП и од Општина Делчево.