Второ, изборно, “востание” во ДПМ !?
(ОБСЕ/ОДИХР, ВО САБОТА, НА ТАС - ЌЕБАП КАЈ ЈОЛЕ -ДПМ) !?
Канцеларијата за демократски институции и човекови права (ОДИХР) на ОБСЕ, до сабота сабајле, би требало да да ја отвори набљудувачката мисија за второто, вонредно, изборното собрание во ДПМ.
Шегата настрана, во новиот обид би требало да се избере нов претседател, од двајцата пријавени кандидати, додека за претседател на Собранието, би требало уште малкучка да почекаме, бидејќи единствениот преостанат кандидат, беше се откажал во “минута до дванаесет”!
На времето, кај нас, во Црвена Вода, се раскажуваше досетката со “мажите мавровски”, од крајот на антифашистичката војна. Бригадите тргнале во конечно ослободување на земјата, а, попатно, се приклучиле и мавровци, со паролата: “сега ќе бегаме, или ќе се предаваме”!?
Шегата настрана, ама, по малку, е шеговит процесот за избор на новото раководство на ДПМ.
Секоја чест за претседателските кандидати – Мирче Нешовски и Блаже Миневски, ама, овие за другата претседателска позиција, Иван Антоновски и Стефан Марковски, безбели, “мажи мавровци”!
Отприлика, и за двајцата важи “фактот!” (Марковски), дека, “не се сомневаат во својата убедлива победа во вид на мнозинство од вкупниот број гласови во однос на противкандидатот”, но, сепак, “искрено жалат што внатрешните поделби, ниските конфронтации за добивање позиции по секоја цена, а со тоа и влијание, дури и буквална злоупотреба на потписите на дел од членовите дополнително го деградираат реномето на ДПМ”.
-Со учество на Изборно собрание во такви околности се дава незаслужен легитимитет на некнижевната и неестетски-заснована, дури и исфорсирана поделба и конфронтација, со посредство на некои влијателни личности во литературата и литературната наука, која не ги ни бира своите методи за групно дејствување, па и обиди за елиминирање или потиснување на цели авторски опуси од книжевната историја, ќе ни објасни Марковски.
Аферим!
Иако, не сум член, ниту, пак, има потреба за тоа (одавна не гледам на ДПМ како на статусен симбол), се согласувам дека “детските болести на современата македонска литература и натаму егзистираат”.
-“По јавно достапните информации дека според важечката регулатива, позицијата претседател на Собранието на ДПМ, правно, воопшто и не постои, искрено, бев во дилема дали е потребно повлекување на кандидатура за правно непостоечка позиција”.
Ова го вели Иван Антоновски. Не го разбирам во целина, ама, нејсе! Важно, формално се повлече.
Ама, како да се повлечат сомневањата за злоупотреба на потписите на дел од членството, за што имаше реагирања од голем број од злоупотребените, до најава за судски спор!
Да не говориме за недозволивата манипулација со списоците за дел од членовите на ДПМ кои се потпишале за присуство, а до медиумите е доставена лажна информација за сите 62- ца присутни!
И самиот Антоновски го повлече тоа, ама “доцна стигна Марко на Косово!”, современата техника не трпи такви играчки. Копи пејсот кај нас е најважната алатка во медиумскиот простор!
Со ваквите “детски болести”, со манипулацијата со списоците, писателите беа ставени во заблуда дека потпишуваат за едно, а всушност беа злоупотребени за сосема други лични, или групни кариеристички цели и интереси.
Имено, недоволниот кворум на Вонредното изборно собрание, не е доволна причина за да се бара бришење на писателите – членови на ДПМ кои живеат и работаaт во странство, на што реагираше, со право, Челиковиќ од Гетеборг.
Според таа логика и барање, требаше да се избришат и оние кои моментално работаат и живеат во Софија, на пример, а дојдоа регуларно и легитимно да учествуваат на Собранието, па и да гласаат. Уште тоа ни требаше, па софијанскиот генерал президент да ни стегне уште еден бенчмарк на патот кон Брисел!
Затоа јас предлагам, до рано сабајле, во сабота, ако не на тас- ќебап (кај Јоле), барем да ги пречекаме на чкембе чорба, претставниците на набљудувачката мисија на ОБСЕ/ОДХР!
Како тоа кворум со бришење на членовите! Што би рекол Вучиќ, на пример, со патувачките гласови!? Присуство и учество на што повеќе членови му е мајката! Оној што сака да победи, нека се погрижи за бесплатен превоз и сендвич повеќе!
Е, сега, ако не постои заинтересираност кај другите членови да ве изберат да го водите Друштвото во “светла иднина!”, тогаш, ајде уште малку да се “демократизираме!”, па “високиот!” цензус за гласање од “дури!” 30 отсто, од вкупното членство, да го намалиме, на ”цели!” 5 отсто. Колај работа, така и Вучиќ ја намами опозицијата на избори!
Можеби “високиот!” цензус од 30 отсто, го исплаши и кандидатот за нов претседател на ДПМ, Блаже Миневски, кој се откажа од кандидатурата, но подоцна се премисли.
Да му посакаме среќа во вториот обид, а писателската асоцијација да ја окуражиме да ги надмине детските болести, клановските поделби, кариеристичките амбиции, да и посакаме да заполива во една нова атмосфера, својствена за писатели, академски граѓани и интелектуалци…
Е, сега, нема да го вратиме времето на моите даскали: Конески, Тодороски и останатите, времето на Бодле со цртежите, ама, колку за утеха, сите заедно, живееме во едно ново, “глуво доба!” на превртени вредности, те и посателската организација не може да остане надвор од тоа реалност.
Веле Митаноски