Зголемени температури во следните неколку дена – да се почитуваат општите препораки за заштита на здравјето
Министерството за здравство предупредува на значителен пораст на температурите во наредните денови и апелира до граѓаните да ги почитуваат препораките за заштита од топлотниот бран.
Според податоците од Управата за хидрометеоролошки работи (УХМР), во периодот од 8 до 13 август дневните температури во одделни региони може да достигнат и до 39°C.
Министерството потсетува на општите мерки за заштита на здравјето, особено кај чувствителните категории на населението – деца, стари лица, бремени жени и хронично болни:
-Престојувајте во разладени простории, особено од 11:00 до 17:00 часот;
-Пијте доволно вода, избегнувајте алкохол и засладени пијалоци;
-Носете лесна и светла облека, користете капа и очила за сонце;
-Избегнувајте физички напор во најтоплите делови од денот;
-Следете ги симптомите на прегревање – вртоглавица, гадење, главоболка, забрзан пулс – и побарајте помош доколку се појават;
-Одложете активности на отворено и обезбедете соодветни микроклиматски услови на работното место и во домот (температура до 25°C).
Од Министерството нагласуваат дека навремено преземање на овие мерки е клучно за заштита на здравјето и безбедноста на граѓаните во услови на екстремна горештина.