„Бришан простор“ на Зоран Јакимоски, добитник на наградата „Јован Котески“

Струга, 10 мај 2017

Наградата „Јован Котески“, што по седми пат, ја доделуваат Културниот центар „Бран“ и Ревијата за книжевност „Бранувања“ од Струга за необјавена поетска книга, годинава ја доби поетскиот ракопис „Бришан простор“ на Зоран Јакимоски.

Се работи за строго заокружена лирска целина, плод на внатрешен, емотивен но и општочовечки конфликт. Стиховите се во знакот на силните бои, мириси и вкусови, кои ги поврзуваат минатото, сегашноста и иднината во духот на современите поетски трендови. Преплетот на личното и колективното, состојбите и настаните, е на потврдено уметничко рамниште и претставува збогатување на современата македонска поезија – стои во образложението за наградата.

Зоран Јакимоски, е роден 1968, во Велестово, кај  Охрид. Автор е на седум книги поезија: Граматика на поривот, Совршен молк, Зборот неизречен, Морето се мурти, Влажна месечина, Ништо не е недостижно и Задачите се зададени.

Негови песни се препеани на англиски, полски, украински, бугарски, хрватски, романски, итн. а самиот препејува од бугарски и хрватски на македонски јазик. Застапуван е во повеќе избори и антологии објавени во Македонија и во странство.  Носител е на повеќе награди, меѓу нив и наградата на Млада Струга за 1995.

Досегашни носители на наградата „Јован Котески“ се Трајче Кацаров, Санде Стојчески, Витомир Долински, Христо Петрески, Марина Мијаковска и Зоран Пејковски.

Наградата на Зоран Јакимоски ќе му биде врачена на 7 јули во Центарот за култура „браќата Миладиновци“ во Струга за време одржувањето на меѓународната манифестација „Струшки книжевни средби“-2017.

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе