Ексклузивноста, ја измислија Македонците – ја усовршија Албанците!?

Охрид, 19.02.2017

 

  • Фудбалските уставотворци, најверојатно, тргнале од стравот, дека некој пропорционално (што би рекол Села), ќе им го лапне финасискиот колач, доколку направи своја федерација! Прагмата и стравот се комшии!

 

Колумна на Веле Митаноски
Колумна на Веле Митаноски

„ Дебатиравме околу законот за Албански јазик. Закон кој ќе биде предложен од ова тело, работиме на предлог кој ќе ги задоволува потребите на Албанците”- рече Села.

“Прифатливо е се што е во рамки на Уставот и што е практична потреба на граѓаните од албанската заедница.” – рече Заев.

Измегу  “ќе ги задоволува потребите” (Села) и  “практична потреба” (Заев) и нема, баш, некоја голема разлика. Разликата е во тоа, што Заев зборува и мисли на  постојниот Устав, а Села “го чита” оној замислениот, затоа што насекаде се менувале устави!  Бидејќи сум лаик за устави, треба да ги претпочитам знаењата на познавачите, пред се, правниците.А, еве, како еден правник, го чита нашиот политички вртлог:

“Ова е рамно на едно општество со два паралелни света, една држава со два блока, македонски и албански, за другите етникуми и не се зборува, како и да не се важни, а всушност сите ние, без разлика на нашето потекло, сме граѓани на Македонија, наша заедничка и единствена земја”. Правникот е Арбен Гоља, адвокат, “граѓанин од прв ред на Македонија, по етникум Шиптар, пардон Албанец”, како што самиот се декларира.

Гоља, ја дијагностицира и “болеста” на нашата држава, а тоа е “искомплексираноста на двата етнички мајоритета. Македонскиот етникум, кој неоправдано пати од комплексот на неспознаен идентитет, па и каде треба и каде не треба го наметнува префиксот македонското, македонското…Oд друга страна, албанскиот етникум, со самите на себе наметнатиот комплекс на граѓани од втор ред, кои хронично се чувствуваат обесправени, па само бараат права, права, права…”.

Поранешиот хрватски претседател Месиќ, со изјавата дека “на Македонија и требаат нови лица во политиката!”, ме поттикна да напишам, текст со наслов:Нека е на арно, ама, сепак, на повидок се нови лица “госпон” Стипе (Месиќ)!?

Упростено, “ново лице”, видов во ликот и резоните на лидерот на Беса, Касами. Напишаното од адвокатот Гоља, ми дава за право дека има и други ликови со слични резони. Во мегувреме, ФСМ, направила измени на Статутот на федерацијата, а една од нив била воведување на албанскиот јазик како јазик за официјална комуникација во рамките на федерацијата, согласно уставот и законите на Република Македонија.

Она што Села го бара, ФСМ веќе го направила во нивниот “Устав” (Статутот). Ако е “согласно уставот и законите на Република Македонија”, тогаш – пеќи!. Фудбалските “уставотворци”, најверојатно, тргнале од стравот, дека некој “пропорционално” (што би рекол Села), ќе им го лапне финасискиот колач, доколку направи своја федерација!Прагмата и стравот се комшии!

Прагмата вели дека во ФСМ се слеваат и “албански” пари, дека фудбалерите – Албанци во репрезентативниот тим, даваат најубави голови. И дотука е – пеќи! Арно, ама низ фудбалските клубови и во репрезентативниот дрес, нема само Албанци и Македонци. Ги има и од другите национални заедници. Ама ги нема во “Уставот” на ФСМ! Што ако утре одбијат да го почитуваат и утре одбијат да пеат за “новото сонце на слободата!”.

Волно, или неволно, Македонците ја напуштија ексклузивноста ( во Уставот и општествената практика и живот) и ја прифатија инклузивноста. Во повеќенационалните државни заедници, положбата на најбројниот народ е истурена и боде во очи. Предизвикува сомничавост и страв кај помалите. Паметно е најголемите да се прават мали и да дозволат помалите да се чувствуваат рамни на најбројните.За Бизмарк се вели дека Германците ги направил мали, ама затоа Германија ја направил голема!

По охридските медиуми се врти една ваква пица- реклама: Италијаците ја измислија-охриганците ја усовршија!?Можам ли да напишам, за ексклузивноста: Македонците ја измислија – Албанците ја усовршија!? Ако Македонците ја прифатиле инклузивноста, зошто сега најбројната популација после нив, заговара нова есклузивност и не дозволува помалите да се чувствуваат рамни на најбројните!? Во Уставот (се уште постојниот, а не оној што го чита комшијата од Струга-Села!), не пишува дека Македонија е само бинационална, само двојазична, туку мултијазична, повеќе национална држава!

Арбен Гоља е истакнат правник, адвокат, можеби не и “уставотворец” како Села, ама еве, јас го предлагам во неговиот тим (тело!). Дали и тој ќе напише дека само македонскиот и албанскиот јазик се државотворни, односно деке треба да правиме закон, само за јазикот на Албанците? Не верувам дека за Гоља напуштениот ексклузивитет од Македонците, сега треба да им личи само на Албанците! Можеби тој ќе напише, не  закон за употреба на јазикот (ете си кој!), туку, можеби, “за јазиците”, па ќе ги наведе: албанскиот, македонскиот, српскиот, турскиот, влашкиот, бошњачкиот….Инаку, денеска “ќе гинеме” за двојазичност, утре за тројазичност и така до бескрај.

Гоља со право забележува дека Македонците се пречувствителни (се палат!) на името, како што Албанците го прават тоа за јазикот. И сосема легитимно, зашто прашањата за слобода, еднаквост и права, се универзални и основни човекови права. Ама каде е тука инклузивноста, каде е чувството за сомничевост и страв и кај помалите од двете доминантни заедници!? Емпатијата кон другите, односно “најголемите да се прават мали и да дозволат  и помалите да се чувствуваат рамни на најбројните”, е основното начело на човековото постоење.

Од Христос – Спасителот и пророкот Мухамед, па се до денес, и се додека постојат светот и векот!

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе