Млад Пакистaнец ја испеа „Слушам кај шумат шумите“ и ги освои срцата на штипјани

Штип, 25.11.2017

Со прекрасната изведба и исто таква дикција, млад 21 годишен Пакистанец докажа зашто највредно од сé во човекот е неговата хуманост, солидарност, човечност. Тоа се случи денес напладне во Штип, за време на дебата за бегалците во Македонија, во организација на невладината „Отворена порта“ а со поддршка на УСАИД.

Песната на 21 годишниот пакистанец која одекна во „Ајс кафе“ предизвика френетичен аплауз  не само од присутните на дебата туку и од другите гости кои се затекоа на настанот но и од персоналот. На дел од женскиот пол им потече по некоја солза. Сочуствуваа со трагедијата и голготата на младото, насмеано момче со мил лик и убав глас.

DSC_3460„Не сакам да бидам сликан зашто сеуште имам страв. Ќе ми извинете“, рече момчето кое на сите прашања на присутните одговораше на чист, јасен и убав македонски јазик. Рече дека нашиот јазик го научил за само три месеци зашто јазикот некако му бил многу милозвучен, а плус тоа имал и добра учителка која во камп во Скопје му ја всадила убовта кон Македонскиот јазик.

Сé друго што пред настапот на момчето, a и потоа беше речено остана во сенка на „Слушам кај шумат шумите“. Со таа песна пакистанецот докажа дека на светот постојат само две раси: луѓе и нелуѓе. А штипјани кои учествуваа во дебатата јасно порачаа дека не стравувaат од бегалците, дека се луѓе кои без проблем би примиле дома лица кои страдаат поради безумието на „модерната“ цивилизација..

Уште беше нагласено, од присутните во дебатата секако, дека Македонија од бегалците нема безбедносен или економски проблем, дека мора да покажеме човечност со луѓето кои останале без дом, без дел од семејството, кои безумието ги натерало на бегство од таму каде најмногу би сакале да бидат, таму каде им се корените. Инаку, на дебатата слушнавме дека во нашата држава се останати само 7 бегалци. На сите нив сон им е развиена Европа а само момчето-пејач рече дека со сето срце би останал во Македонија.

Констатација беше дека еден ден и ова лудило ќе заврши, дека најголем делод бегалците ќе се вратат дома, а со нив ќе ја понесат убавата или неубава приказна за едни луѓе или нелуѓе кои живеат во земјата Македонија. Се во зависност од тоа како ние се поставуваме спрема нив….

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе