ШТИП: Општината со 9.700 пензионери и еден голем проблем

Штип, 19.09.2018

Здружението на пензионери за општините Штип и Карбинци денес го одбележа Денот на пензионерите. Во Домот на пензионери, пред преполна сала, за улогата на пензионерите во изградбата на државата и за квалитетот на нивниот живот зборуваа претседателот на Здружението Ристе Нетков и градоначалникот на Штип Благој Бочварски.

Според Нетков здружението на чие чело од неодамна е тој има 8.300 членови.

„Нашите членови се дружат и имаат низа активности. Наш најголем проблеме е како да го решиме прашањето со Домот за стари лица во кој нашата организација има вложено големи парични средства и чија изградба од поодамна е стопирана. Имаме проблем и со навременото снабдување со огревно дрво на нашите членови, но добивме гаранција дека до крајот на месецов сите нарачки ќе бидат подмирени“, рече Нетков.

penzioneri01Градоначалникот Бочварски ги поздрави присутните пензионери и им посака долг живот во добро здравје и исполнети пензионерски денови.

„Се наоѓаме во исклучителен момент кога како држава сме исправени пред едно крупно прашање, а тоа е прашањето за иднината на нашите млади генерации. Да бидам искрен, имав многу средби со наши пензионери, многу разговори на оваа важна за сите нас тема, и сум многу задоволен од нивниот искажан патриотизам. Сигурен сум дека на 30 овој месец ќе го направат единствениот исправен избор“, рече Бочварски.

Во однос на Домот за стари лица чија изградба е стопирана подолго време и истиот започна да се руинира, Бочварски даде надежно ветување.

„Јас и локалната самоуправа секогаш сме овде да работиме во интерес на нашите пензионери. Како градоначалник активно работам на решавање на овој проблем за кој е запознаен премиерот Зоран Заев лично како и други членови од владиниот кабинет кои можат да го забрзат процесот.  Се работи за едно многу заплеткано прашање кое не може да се среди само со една одлука, но јас ви гарантирам дека овој проблем набргу ќе биде симнат од дневен ред“, рече Бочварски.

Инаку, Штип има вкупно 9.700 пензионери, од кои околу 1.400 се во двете здруженија на инвалидски пезнионери. Во Фондот за ПИОМ се регистрирани близу 18.000 пензионерски осигуреници, што значи дека на двајца вработени доаѓа по еден пензионер.“

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе