БОЧВАРСКИ: Идеите на ромската заедница за развојот на општината се од суштински интерес

Штип, 08.04.2020

Благој Бочварски упатува честитки по повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април, на сите сограѓани од ромската заедница.

„Во мое име и во име на Општина Штип на нашите сограѓани од ромската етничка заедница им го честитам Меѓународниот ден на Ромите – 8 април, со желба за многу здравје, среќа и успеси на личен и професионален план“, се вели во честитката која Благој Бочварски, градоначалник на Општина Штип, денес ја упати до ромската заедница, а повод Меѓународниот ден на Ромите – 8 Април.

Понатаму во честитката се вели:

-Ова се моменти на искушение, кога сите заеднички сме исправени пред голема препрека, моменти кога сите со заеднички сили и капацитети се бориме за нашето здравје и справување со вирусот Ковид 19, моменти кои ни укажуваат дека овој опасен вирус, не бира вера, нација или било каква друга припадност. Затоа нашата сплотеност и нашиот ангажман ќе бидат клучниот фактор во оваа борба…

Според пописот од 2002 година ромите се втора по големина етничка заедница во Општина Штип. Застапени се со 4,6 проценти (2.195 лица). По нив се Власите со 4,3 проценти (2.074 лица), па Турците со 2,7 проценти (1.272 лица). Македонците се застапени со 87,2 проценти или 41.670 лица. Штип како општина во 2002 година имала 47.796 жители.

Бочварски во честитката потенцира: „Вашите предлози и идеи за развојот на Штип се подеднакво почитувани и применувани, затоа нашиот град беше прогласен за најпријателска ромска општина. Заедно да продолжиме да го чекориме патот на инклузивното општествно, пат во кој секој еден е важен и сечии капацитети се важни за заедничкиот напредок. И во овие тешки времиња, да се потсетиме дека нашата држава постигнува огромни успеси, членството во НАТО што значи сигурна и безбедна држава и преговори за членство во Европската унија. Тоа се нашите заеднички цели“!

-Почитувани пријатели,

Во моменти кога наш приоритет е справување со овој опасен вирус, ви посакувам многу здравје, среќа и семеен мир. Повторно ќе дојдат добри денови, повторно ќе бидеме со нашите пријатели и пошироките семејства, повторно ќе се среќаваме и дружиме. До тогаш, да бидеме одговорни и да го чуваме личното и колективното здравје,“ стои во честитката од градоначалникот Бочварски.  

(и.б.)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе