Вечер во “Света Софија”, на „Охридско лето“ настапува балканската и светски познатата оперска дива, сопранот Инва Мула од Албанија

Охрид, 30 јули 2019

– Задачата на уметникот е да го пронајде тоа равенство помегу комерцијалното, односно потребата музиката да се приближи до потребите и навиките на младите, но притоа делото, напишано пред 200, или 300 години да не изгуби од својот квалитет и својата автентичност и класичното пеење.

Вака, на денешната прес конференција, балканската дива Инва Мула, го најави вечерашниот концерт во „Света Софија“, каде  ќе настапи заедно со нејзината колешка од Македонската опера и балет, сопранистката Дешира Ахмети и тенорот Ѓорѓи Цуцковски, во пијано придружба на Генц Тукичи.

Мула додаде дека тој посакуван спој, досега го постигнал, на најубедлив начин, Павароти.

Мула, но и останатите изведувачи нагласија дека се почестени од настапот на „Охридско лето“, манифестацијата која веќе шест децении ја слави уметноста, а нејзиниот татко, како и таткото на Тукиќи во 1970 година.

– Охрид е уникатно место, на само на Балканот, туку во светски рамки. Поседува особена енергија, а 59-тото издание на фестивалот „Охридско лето“ само го потврдува мојот став дека луѓето тука водат сметка за музиката, за уметноста. Сум настапувала тука неколкупати, но беше мошне одамна. Се уште ги чувам спомените за концертите во „Света Софија“, така што се надевам дека и вечерва ќе биде запаметена, како во мојата глава така и во сеќавањата на публиката, рече Мула.

Мула ќе настапи во пијано придружба на албанскиот пијанист Генц Тукичи, а неколку точки во рамки на концертот ќе изведе заедно со Дешира Ахмети и Ѓорѓи Цуцковски, што според неа е доживување плус оттаму што дава можност да се создаде синергија со други гласови, да се добие квалитет повеќе.

Мула вели дека нејзината соработка со Тукичи е подолга од две децении,  а според неа, акустиката на катедралната црква „Света Софија“ само ќе даде квалитет повеќе на вечерашниот концерт.

Тукичи, кој предава во Париз и Сан Петесбург, за прв пат настапува пред охридската публика.

– Накратко, сакам да ве известам дека ќе се  обидам својата енергија да ја споделам со публиката вечерва на концертот. Би нагласил дека за „Охридско лето“ носам сеќавања што ми ги пренесе мојот татко кој има настапувано тука, така што ова е само продолжување на таа традиција, рече Тукичи.

Сопранот Дешира Ахмети од МОБ истакна дека е престиж поканата да настапува заедно со Мула, уште повеќе што лично првпат ќе пее во култното место за уметниците како што е „Света Софија“.

– Првпат ќе пееме со Инва заедно, а се надевам дека таа соработка ќе продолжи и во иднина.

Македонскиот уметник, Тенорот Цуцковски, исто така, рече дека  настапот на „Охридско лето“ за него носи особена возбуда.

– Јас настапувам во три нумери, возбудата е оромна и би се заблагодарил за несекојдневната можност да сум дел од магијата на „Охридско лето“, рече Цуцковски.

Инва Мула, една од најзначајните сопрани на денешницата, родена е во Тирана, каде дипломирала на  Универзитетот за уметности.. Триумфира на првиот натпревар организиран од тенорот Пласидо Доминго во 1993 година по што нејзината интернационална кариера ќе започне да се движи во нагорна линија со настапи во оперските куќи во Авињон, Лос Анџелес, Бон, Вашингтон, Лирската опера во Чикаго, како и „Метрополитен“  во Њујорк каде настапува во продукцијата на операта „Боеми“.

Во 1998 година по фантастичната соработка со Рикардо Мути во Миланската „Скала“, Инва Мула е поканета да ја пее насловната улога во „Травијата“ за отворањето на новиот оперски театар во Милано, по што следуваат нови улоги во „Скала“. Со голем успех настапува низ Италија и тоа во Трст, Торино, Сиена, Рим, и во Фиренца каде настапува под палката на маестро Зубин Мехта.

Инва Мула, денеска настапува на најпрестижните сцени.Во изминатите сезони настапува во Виенската опера како Манон, таа е Неда во „Палјачи“ во Германската опера во Берлин, Сао Паоло и Билбао, Адина во „Љубовен напиток“ во Марсеј и Микаела во „Кармен“. Редовно е поканета да одржува семинари на академиите во Париз, во Гштад и Санкт Петербург.

Во 2006 година доделено и е највисокото признание од Француската влада – „Витез на уметноста“.

Веле Митаноски

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе