ГЕРБ ја зацементира блокадата на Македонија во предизборната програма

17/03/2021 11:17

  • Во програмата за изборите, партијата на премиерот Борисов запиша и „гарантирање на правата на бугарското малцинство во Албанија“ и заштита на сите бугарски заедници надвор од Бугарија

Партијата на Бојко Борисов, ГЕРБ, во предизборната програма со која ќе се трка во април за нов четиригодишен мандат, ја зацементира позицијата кон спорот со Македонија. Ваквата политика ГЕРБ, што ја озаглави како „нова страница во надворешната политика на земјата“, ја наброи во успесите од претходниот мандат, најавувајќи дека ќе ја поддржи евроинтеграцијата на нашата држава, но ќе инсистира на исполнување на Договорот за добрососедство од 2017 година и на запирање на говорот на омраза.

Притоа навести можен предуслов и за поддршка кон Албанија – правата на булгарското малцинство во таа држава, што преведено од политички речник значи дека Тирана ќе треба да ја прифати политиката на Софија кон Македонците во таа држава.

„Интересот на Бугарија е да сме обиколени од безбедни, просперитетни и добронамерни држави. ГЕРБ ја поддржува евроинтеграцијата на сите шест земји од Западен Балкан. Ја поддржуваме и Република Северна Македонија околу членството во ЕУ и настојуваме да се испочитуваат Договорот за добрососедство, пријателство и соработка од 2017 година и запирањето на говорот на омразата. Нашата заедничка историја треба да нѐ обединува, а не да нѐ разделува. За нас е важно европскиот пат на Албанија да минува преку гарантирањето на правата и на интересите на булгарското малцинство“, стои во програмата на ГЕРБ која е штотуку објавена.

Притоа има ред фалби како Бугарија ја вратила евроинтеграцијата на земјите од регионот на агендата на Европската унија, како добила признанија за тоа, како станала фактор во креирањето на надворешната политика на ЕУ и како се докажала кон нас  како „добронамерна, но со тврди позиции и дејствија, не прифаќајќи го јазикот на омразата и фалсификувањето на историската вистина“, со порака на крај  дека поддршката на евроинтеграцијата ќе зависи од исполнувањето на индивидуалните критериуми на сите земји во регионот, вклучувајќи ги добрососедските односи.

Во програмата има и ред ветувања за тоа како ќе се јакне „бугарштината“ во соседните земји и пошироко.

„Создадовме програма за поддршка на организациите на бугарските заедници – прв механизам од ваков вид во вакви размери. Така им помогнавме на Бугарите низ целиот свет, вклучувајќи ги тие во Албанија, Косово, Молдавија, Република Северна Македонија, Србија и Украина, а со цел да го зачуваат бугарскиот дух, идентитет и  јазик“, стои во програмата на владејачката партија на Бугарија, па се најавуваат новите чекори во тој правец.

„Грижата за бугарските заедници надвор од Бугарија бара постојани напори за заштита на нивните права и интереси. Ние ќе продолжиме да го правиме тоа и во иднина. Ние ќе продолжиме да ја поддржуваме промоцијата и проширувањето на нивните активности за зачувување на бугарскиот идентитет – јазик, култура, дух и традиции. Ќе воспоставиме стипендии за подобрување на познавањата на бугарскиот јазик не само кај учениците, туку и кај студентите од бугарските заедници во странство. Ќе создадеме единствено тело за да ги покриеме сите аспекти на односите меѓу бугарската држава и нашите сонародници во странство“, ветува ГЕРБ.

Притоа се најавува дека во добрососедските односи, зачувувањето на правата на бугарските национални малцинства ќе биде клучен услов за нив, откако претходно ја нацртаа „мапата“ со бугарски малцинства во регионот, во која ја ставија и Србија, исцртувајќи практично некое можно идно вето и за неа.

Во програмата се најавува и активна помош на бугарските телевизиски оператори за емитување програма во соседните земји и активности за „зачувување и развој на културниот идентитет на Бугарите во странство“, меѓу кои „оптимизација и поголема активност на бугарските културни центри во странство и привлекување на странски уметници и научници за промовирање на бугарски активности за  културното и историско наследство“.

(С.Ј.) 

(Превземено од Независен весник)

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе