Девет проекти на општините од истокот се борат за швајцарски пари

Штип, 24.02.2019

Швајцарската агенција за развој обезбедува 95.000 швајцарски франци со кои ќе поддржи само еден од деветте проекти кои општините од Источниот плански регион ги претставија на првата форумска сесија.

Сите општини кои понудија проекти кои конкурираат за финансирање од Швајцарската развојна агенција се надеваат дека токму нивниот проект е  најдобар и најнеопходен и дека, како таков, ќе победи во завршната фаза од постапката.

На првата форумска сесија во Штип на која имаше над стотина заинтересирани од сите единаесет општини во регионот,  со четири од деветте издвоени проекти се претстави општина Штип.

Штип сака да има едукативен рекреативен центар кај археолошкиот локалитет Баргала, бара пари за реконструкција на планинарскиот дом на врвот Лисец на планината Плачковица, но нуди и проект за изградба на засолниште под врвот Туртел на истата планина, а тука е и проектот Струмина треил (велосипедска патека),

Општините Кочани и Пробиштип се животно заинтересирани за изградба на ски лифт на Пониква, Пехчево смета дека треба да има предност зашто сака партерно уредување на водопадите на Равна река, Берово е со став дека како една од најсиромашните општини во регионот треба поактивно да го развива туризмот па затоа настапува со проект за инфраструктурно уредувањње на туристичката населба на Беровско езеро, а оваа општина е со проект и за доградба и реконструкција на домот за стари лица. Виница пак е неизмерно горда на своите теракотни икони кои го прошетаа светот поради што смета дека мора да се вложуваат пари во  подобри просторни услови на музејот Теракота.

Од Центарот за развој на ИПР велат дека на три форумски сесии од кои последната ќе се одржи на 6 март годинава, ќе се искристализираат пет од овие девет предлог концепти, при што секој од нив треба да биде во согласност со критериумите за селекција на регионални проекти. Петте проекти кои ќе останат во завршна конкуренција ќе се избираат со гласање на сите учесници на форумот.

Но, само еден проект ќе биде избран за реализација. За тоа кој проект ќе ги добие парите од Швајцварската развојна агенција на кои ќе се придодат и пари и од Министерството за локална самоуправа, ќе одлучи Советот на Источниот плански регион предводен од кочанскиот градоначалник Николчо Илијев како негов претседател.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе