Делчево: Одбележан светскиот Ден на водите

Делчево, 22 03.2019

Под мотото „Сите се грижиме за здрава животна средина“, денеска Општина Делчево го одбележа Светскиот ден на водите, 22 март. На настанот организиран на кејот на реката Брегалница во Делчево, учествуваа ученици од двете деветолетки од градот кои беа дел од предавањата подготвени од професори по биолгија и географија, а поврзани со значењето на водата. Учениците зедоа активно учество и во квизот одговорајќи на прашања поврзани со водните ресурси во Пијанец, живиот свет во реката Брегалница и за употребата и значењето на водата.

Со овој настан, Општина Делчево се вклучува во глобалната акција свртувајќи го вниманието на јавноста со порака за поголема свест за проблемите поврзани со водата и водните ресурси. Градоначалникот на Општина Делчево, Горан Трајковски по тој повод истакна дека овој ден е значаен за подигнување на свеста на луѓето на локално и на глобално ниво за проблемите поврзани со водата и водните ресурси.

– Правото на чиста вода за пиење е елементарно човеково право, а заложбите и приоритетите на Општината е чиста вода за пиење за сите граѓани. Водејќи се од ова мото, ние како Општина и со поддршка на нашите пријатели од Швајцарската конфедерација и Министерството за животна средина, преку големиот проект „Водоснабдување на Делчево“, вреден 7, 3 милиони швајцарски франци, го решаваме проблемот со водоснабдувањето. Очекувам дека за три години со реализација на сите инфраструктурни зафати предвидени во проектот, Делчево и околните села, Звегор и Габрово, ќе ја користат привилегијата – чиста вода за пиење, рече Трајковски.

Во 1992 година на Конференцијата одржана во Рио Де Женарио, официјално од страна на  Обединети нации овој ден е прогласен како Светски ден на водата, а во 1993 на 22 март за прв пат беше одбележан на глобално ниво. Водата е основата за постоењето на живот на планетата Земја, а чистата вода за пиење и за одржување на хигиената е неопходна за одржување на животот и на здравјето на целиот жив свет. Сепак, правото на вода не е еднакво достапно за секого. Приближно 900 милиони луѓе во светот немаат пристап до чиста и здрава вода за пиење, додека 2,5 милијарди луѓе немаат нормални услови за одржување на својата хигиена. Експертите алармираат дека до средината на овој век дури седум милијарди луѓе ќе бидат соочени со недостиг од вода, бидејќи бројот на жители на Земјата се зголемува, а водените ресурси се намалуваат.

Помалку од 1 отсто од водата на Земјата е употреблива за пиење, а како што се зголемува бројот на населението во светот, се зголемуваат и потребите од вода за пиење. Нашата земја е во групата земји во светот со многу висок пристап до безбедна вода за пиење. Во 2018 година пристап до безбедна вода за пиење имале 97% од населението во државава, наспроти 95% во 2010 година.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе