Зa младите и гимнастиката во Штип
Штип, 13.03.2018
– По сеќавање на Силвана Сичева во Штип освен ФК Брегалница од поодамна се формирале и функционирале и други спортски клубови и друштва .Едно од оние кои постоеле подолго време е Друштвото за гимнастички спортови„Партизан“.
Во различни периоди од постоењето Друштвото функционирало под различни називи,но постојано со истата мисија–да делува на телесното,физичкото воспитување на децата и младите организирајќи редовни рекреативни и спортски активности:тренинзи ,слетови и натпревари во разни спортови-гимнастика,атлетика,пинг-понг,кошарка,ракомет,пливање,ватерполо… Во времето кога ние бевме деца се викаше Друштво за телесно воспитување (ДТВ)„Партизан“и навистина беше тоа што го носеше во името.Беше едно големо друштво,доаѓаа деца и млади од сите возрасти во голем број .Имаше по 20-30 деца во група кои редовно вежбаа по два часа двапати неделно во старата сала која се наоѓаше на местото на денешниот Дом на културата „Ацо Шопов“.Најпрвин тоа навистина беше основно телесно воспитување за сите заинтересирани ,без оглед на способностите.
Посветените наставници работеа како со талентираните и вештите,така и со оние кои со страв и несмасност пристапуваа кон справите за гимнастика.Вршеа селекција на подобрите со кои дополнително работеа и формираа екипи за спортски натпревари.Партизанскиот вишебој кој секоја година се одржуваше во кампот на ДТВ Партизан во Стар Дојран и републичките натпревари во гимнастика беа доживување за сите нас кои се натпреварувавме,а годишните ревии во салата на Партизан,слетовите во Спортскиот центар „Џексон“и Градскиот стадион ги паметат и учесниците и граѓаните кои во огромен број беа присутни на тие настани.
Салата скоро по цел ден беше отворена и во неа можеше да се вежба постојано.Секогаш имаше по некој од пасионираните наставници по физичко воспитување Стево Илиев,Симеон Ренџов,Симеон Коцев ,Ѓошо Стефанов,како и ветерани –рекреативци од кои некои повремено уште вежбаа,а некои само доаѓаа за одблизу да ја следат состојбата -Митко Бардаров,Дуле од „Македонка“,Киро Зрлев,Мане и Киро Кљусеви,Блажо Главев,Трајче Велев-Џемини и други.Тука постојано беа и тетка Велика и чичо Сане Стојанови ,домаќини во салата.
Друштвото беше финансирано од државата ,односно од најголемите фирми во тоа време,а пред се од ПИ „Македонка“. За гимнастика редовно имаше повеќе заинтересирани девојчиња отколку момчиња.Веројатно за нив поатрактивни беа фудбалот,ракометот и кошарката .За екипните натпревари каде строго беа одредени возрасни групи скоро редовно не можеше да се состави машка екипа,а за да се влезе во женската екипа имаше силна конкуренција. Во повозрасните групи од нас сеуште вежбаа гимнастичарките Снежана Стојанова,сестрите близначки Верица и Надица Кожинкови,Билјана Рогожарова . Нашата екипа ја сочинуваа:Милка Манчевска(Стаменковска),Олгица Циклева(Жежова),јас-Силвана Зафирова(Сичева),Стојка Неткова(Гајдук),Славица Јованова(Трајчева),Билјана Маџарова(Ренџова).Како и секаде и тука четири од шест сме новоселки,а ако се земе предвид дека и тренерот Ѓошо Стефанов е од Ново Село,пак важи онаа на Бирјата „Нас Новоселци насекаде у дуњата не има , правилно сме распоредени на секое место.
Машката екипа ја сочинуваа:Фуат Мазникар,Мијалче Маџаров,Риза Алиов.Миле Јакимовски,Методи,Ванчо Басовски ,Жан Митрев и Бранко Лазаров.Со нив најмногу работеше професорот Симеон Ренџов. Во наредните години дојдоа нови членови :Ели Козарова,Лидија Илиевска,Ева Крстевска,Тања Бајрактарова,Марија Бурназова и други. Со рушењето на старата сала настана краток прекин во долгогодишната традиција која малку подоцна продолжи во новата сала на училиштето „Ванчо Прќе“со нови генерации гимнастичарки и гимнастичари. Во 1996 и 2006 година беа организирани прослави на 40 и 50 години од формирањето на ДТВ Партизан на кои беа собрани повеќе поранешни членови на Друштвото од повеќе генерации. За жал после овој период и покрај долгата традиција Друштвото престана да постои.Од него останаа мали траги во форма на приватни клубови за аеробик,корективна гимнастика за деца и слично,но спортска гимнастика во Штип веќе не се тренира иако некогаш штипјаните Стево Илиев и Киро Зрлев членови на „Партизан“ Штип биле државни шампиони дури и на ниво на СФРЈугославија,во конкуренција на гимнастичари од 20 милионска популација која можела да се пофали и со освоени олимписки медали .
Во поглед на овој убав спорт Штип за жал го снајде онаа еврејската „Да имаш,па да немаш“.