КОСТАДИНОВ: Геологијата е професија на стрпливост, стручност и разумност, таа е основата на рударството

Радовиш, 16.12.2020

                                                                           Пишува: Кристина Крстева

Пребогатата историја на нашите рудници ја создавале поединци кои посветено и со децении работеле како геолози, рударски инженери, рудари…Еден од доајените на нашето рударство е и Ѓорги Костадинов, дипломиран инженер геолог од Радовиш, кој сиот работен стаж го минал во Бучим каде се вработил 1978 година, а неодамна замина во заслужена пензија. Со г-дин Костадинов разговараме за рударскиот живот, предизвиците и можностите кои ги нуди геолошката професија и работните услови во македонската рударска индустрија. Костадинов, за istokpress.mk ретроспективно го пренесува своето искуство правејќи притоа паралела помеѓу рударството некогаш и рударството денес. 

Истокпрес: За рударството се вели дека е една од најтешките професии. Вие имате долг стаж зад вас во рударската индустрија. Кое е вашето видување?

Костадинов: Работењето во рударската индустрија е многу одговорно. Геологијата е професија во која се бара стрпливост, разумност и стручност во извршувањето на обврските. Тоа е една многу интересна и комплексна наука која всушност е основата на рударството. Во рударството пред да се отвори едно рудно наоѓалиште за експлоатација, потребно е да се извршат геолошки истражувања. Геолозите се и од фундаментално значење за развитокот на општеството. Некои од најголемите проблеми со кои се соочува светот денес можат да ги решат геолозите, затоа што токму геолозите се одговорни за наоѓање на ресурси што ни се потребни за да управуваме со модерното општество, па дури и за опстанок. Би рекол дека рударската индустрија е доста сложена, но од друга страна пак e привилегија да се работи една од најстарата и најважната професија на нашето време.

Костадинов со Николачјо Николов, заменик генерален директор на испраќањето во пензија
Костадинов со Николачјо Николов, заменик генерален директор на испраќањето во пензија

Истокпрес: Раскажете ни за вашите почетоци и вашиот развој… Колкав временски период работевте во рудникот Бучим?

Костадинов: Во Бучим се вработив на 3 август 1978 година како геолошки техничар за истражување. По краток период откако рудникот официјално започна со редовна работа,  бев назначен за одговорен техничар за геолошките истражувања. Имав прилика да соработувам со врвни инженери од поранешна Југославија, експерти и инженери од Геолошки Завод – Скопје, како и стручните геолози од Бучим, од кои  успеав да стекнам знаење и искуство кое ми претставуваше поттик за понатамошен развој. Се запишав на Рударско – геолошкиот факултет во Штип како вондреден студент благодарение на рудникот кој ми ги обезбеди студиите и по дипломирањето работев како инженер геолог за истражување се до поминувањето на Бучим во стечај и отпочнување на стечајната постапка. Тоа беа доста тешки времиња за рудникот и вработените, но за кратко време се започна процесот за продажба и рудникот повторно проработи, а со тоа продолжи и мојата работа како инженер геолог за експлоатација на површинскиот коп. Во 2010 година, бев назначен за одговорен инженер за деталните геолошки истражувања на локалитетот Боров Дол, а подоцна, работните задачи ги продолжив како инженер геолог на површински коп во Бучим се до крајот на мојот работен век. Мојот ентузијазам не запре и во моите последните работни денови. Сето тоа како да беше вчера на 8 септември годинава кога дојде денот за одење во пензија зашто наполнив 64 години старост и 42 години работа во рудникот Бучим.

Истокпрес: Вработен сте во рудникот уште од почеток на неговото создавање. Колку се менуваше работната средина и работните услови низ годините, со оглед на тоа дека рудникот претрпе голем број транзиции и промени?

Костадинов: Од активното пуштање во експлоатација во 1979 година рудникот Бучим помина низ разни услови за работа и произвoдство. Бидејќи Бучим располага со ниско процентуална минерална суровина на бакар постојано беше на работ на егзистенцијата. Но благодарение на стручните луѓе во рудникот и матичната компанија – инвеститорот, успеа сите овие години да се одржи и работи. Почетокот беше доста тежок, но со текот на времето се усовршуваше кадарот и работењето. Рудникот Бучим, со транзицијата од државен во приватен капитал, претрпе доста потешкотии, како фирмата така и вработените. За краток период Бучим отиде во стечај, а со тоа и сите вработени на Заводот за вработување. Имавме среќа што стечајната постапка не траеше долго, се појави купувач – Солвеј Инвестмент Груп и сите вработени беа вратени назад на работа, а опремата во рудникот се надгради и модернизира. Лично би напоменал дека имавме среќа што не превзеде таква фирма со која дојдоа и многу промени во начинот и условите во работењето,  а и фирмата имаше среќа што располагаше рудникот со врвен стручен кадар и за брзо време почна со активно производство. Благодарение на стручниот тим на чело со генералниот директор Василиј Боруцкиј и заменик генералниот директор Николајчо Николов, рудникот успеа да  одржи континуирано производство до ден денес. Вратите на менаџерскиот тим беа секогаш отворени за вработените како за совети така и за предлози за унапредување на производството.

Истокпрес: Дали можете да направите паралела, односно да дадете свое видување на рударството и начинот на работење во периодот кога започнавте да работите и денес? Што е променето?

Костадинов: Разликата во рударството и работењето во почетокот на рудникот и сега е огромна и неспоредлива. Во почетокот се работеше со едноставни алатки за работа, како дигитрони, справи за цртање, кое бараше голема посветеност и време. Само како пример ќе наведам дека за изготвување за елаборат за геолошки резерви потребно беше од шест месеци до една година, во зависност од големината и сложеноста. Со компујутеризацијата и дигитализацијата, денес податоците многу брзо се пресметуваат и со помал ангажман и работна сила. Исто така модернизацијата на опремата за работа и унапредувањето на рудникот придонесе до многу подобри и побезбедни услови за работа. Денес современото рударство го олеснува работниот ангажман и значително се подобрени условите за работа, кои беа на многу по ниско ниво.

Истокпрес: Според долгогодишното искуството што го имате во оваа област, како гледате на условите за работа во рударската индустрија во нашата држава? Кои се предностите, а кои недостатоците?

Костадинов: Рударството се смета за тешка индустрија, но со текот на годините безбедносните перфороманси на индустријата многу се подобрија. Oвозможени се безбедни и добри работни услови кои нудат успешна кариера, можност за напредок и сигурна егзистенција. Моето долгогодишно искуство укажува на тоа дека условите за работа во рударската индустрија се едни од најперспективните.  Нашите ресурси не се доволно истражени од областа на минералните суровини. Недостатокот е се помалото присуство на стручен кадар во државата. Сите гледаме дека постоечките стручни кадри заминуваат во пензија, а обнова и пополнување на работните места има се помaлку, што за кратко време ќе придонесе оваа област да стане дефицитарна дејност.  На помладата генерација и е потребна мотивација и едукација за да ја разберат вредноста на оваа професија. Државата треба да покаже интерес за младата популација во рударската индустрија, зашто Северна Македонија претставува златно „грне без дно“.

Истокпрес: Би сакале, користејќи го Вашето искуство, да ни кажете кои се предизвици и можности кои ги носи оваа професија?

Костадинов: Рударството е доста одговорна стопанско-индустриска гранка која е пропратена со многу предизвици. Рударско-геолошката професија има капацитет да одговори на сите предизвици и нуди можности за професионален напредок преку секојдневните ангажмани кои даваат сериозен придонес во развојот на нашата земја. Следејќи ги најновите дстигнувања во Европа и светот, оваа професија постојано се доусовршува, менува и подобрува со цел да се постигне напредок во општеството и индустријата на една држава, бидејќи сé помалку остануваат минерални суровини како од металите така и од нематалите.  Држејќи се во  чекор со светските развојни трендови, треба посебно да се посвети внимание на истражување на нови ресурси, максимално неискористени минерални суровини, со изнаоѓање на најдобри решенија за нивно искористување. Геологијата како професија нуди можност за професионален развој со сериозна, координирана и напорна работа.

Истокпрес: На што сте посебно горди кога размислувате на Бучим и вашата работа во рамките на оваа компанија?

Костадинов: Размислувајќи за рудникот Бучим можам да кажам дека сум многу горд на годините поминати во него. Прво, горд сум што се вработив во рудникот и успеав да работам 42 години во истата компанија и да дочекам пензија жив и здрав. Посебно сум горд на самиот себе, што сум добар сопруг, добар татко и дедо на три јунаци со кои ќе уживам во пензионерските денови. Горд сум што работев како геолог во сиромашно наоѓалиште на бакар, кое со стручност, посветеност и тимска работа успеавме да го одржиме во активно производство се до денес, како и да обезбедиме резерви за идните генерации. Благодарен сум што бев дел од компанија во која раководството несебично и истрајно работи во полза на сите вработени, земајќи ги предвид нивните потреби, сугестии и предлози. Горд сум што бев дел од еден таков хомоген и многу успешен колегиум.

Истокпрес: Кои се основните совети што би им ги дале на младите кои би сакале да работат во рударската индустрија? Што е најважно да знаат?

Костадинов: Рударската индустрија е со долгорочна преспектива, а без геолозите, невозможно е да се развива рударството. Paзвoјoт нa нaoѓaлиштaтa зaпoчнyвa со геолошки иcтpaжyвaњa. Северна Македонија не е сиромашна држава во областа на рудните богатства, но треба да се истражува и доистражува. Би ги советувал младите генерации да не дозволат богатството да остане неоткриено и недоистражено. Ги охрабрувам младите да се борат со знаење и упорност, насочувајќи се кон стручното образование преку кое ќе ја поврзат теоријата со практичната работа. Да се наочат кон развивање на рани стручни компетенции и да се осмелат да истражуваат, а на тој начин и да откриваат нови богатства, чие постоење ќе го подобри животот на идните генерации.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе