ШТИП: Орденот Свети Никола за д-р Михаил Данев, поранешен претседател на Општина Штип, стопанственик и познат општествено-политички работник

Штип, 18.12.2020

Доделување на високото општинско признание Свети Никола е ексклузивно право на градоначалникот на Штип. Годинава, в.д.градоначалникот Јане Миланов го направи својот избор кој денес го презентираше пред новинарите.

-Во пресрет на големиот верски празник Свети Никола кој е и Ден на градот остануваме верни на традицијата за доделување на награди и признанија по повод патронот на нашиот Штип. Годинава, за жал, поради пандемијата доделувањето на наградите ќе биде скромно, а согласно здравствените протоколи пропишани од Комисијата за заразни болести. Признанијата на добитниците ќе им бидат врачени утре, на малка свеченост во кабинетот на гардоначалникот, рече Миланов.

Добитници на признанијата се:

Д-р МИХАИЛ ДАНЕВ е носител на орденот Свети Никола. Тој е поранешен претседател на Општина Штип, во чии два мандата (1974-1982) се изградија повеќе капитални објекти од значење за Штип и штипјани. Меѓу нив се и новиот Медицински центар, Домот на културата „Ацо Шопов“, новата административна зграда на општината, новата зграда на националната библиотека „Гоце Делчев“. Михаил Данев беше и генерален директор на ЗИК „Црвена Ѕвезда“, вршеше повеќе високи општински функции, а беше и на функција секретар на ЦК на Македонија.

Проф.д-р КИРИЛ БАРБАРЕЕВ, е носител на признанието 19 декември. Барбареев е редовен професор на УГД на факултетот за образовни науки. Тој е посветен професор кој систематски работи на подигнување и зајакнување на системот на орбазование и професионален развој на наставници и воспитувачи во државата.

МИРКО НАЏАКОВ, исто така е добитник на признанието 19 декември. Тој е синоним за врвен спортист, фудбалер и фудбалски педагог кој покрај со својата богата фудбалска кариера може да се гордее и со стручна литеаратура напишана на над 700 страници за современиот фудбал. Добитник е на признанието на ФФМ како личност која половина век активно го градела фудбалскиот спорт.

КАТИЦА ЖЕЖОВА  е крводарителка и хуманистка и за таа своја хумана мисија годинава го доби признанието 19 декември. Жежова  досега има дарувано крв 80 пати но нејзиното хумано дело е уште поголемо како иницијатор на голем број хуманитарни акции ширум државата. Нејзино животно мото е – биди човек пред сé.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе