САСА на Универзитетот „Гоце Делчев“ ќе стипендира 20 студенти по рударство, геологија и животна средина

Македонска Каменица, 10.08.2018

Рудникот за олово и цинк САСА во следната учебна година 2018 / 2019 ќе стипендира 20 студенти на Факултетот за природни и технички науки при Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип. Десет студенти од студиската група Рударство и по петмина од студиските групи Геологија и Инженерство на животна средина ќе добиваат годишни стипендии во вредност од по 200 евра. Покрај оваа финансиска поддршка во текот на студиите, рудникот САСА им овозможува на идните студенти практична работа, при што ќе се стекнат со првично искуство и ќе се запознаат со работата на рудникот и компанијата. Дополнително, најдобрите од студентите ќе имаат можност за вработување во рудникот САСА по завршувањето на студиите.

„Среќни сме што во соработка со раководството на Факултетот за природни и технички науки ќе можеме да ги поддржиме талентираните млади луѓе кои се определуваат да стекнат знаења во областите поврзани со нашата индустрија. Тие се наши потенцијални идни колеги, па наш природен интерес е низ образованието и низ праксата што подобро да се подготват за работа во модерното и одговорно рударство“, изјави генералниот директор на САСА, Олег Телној.


За повеќе информации, заинтересираните кандидати за степендии можат да се обратат кај Венета Ристовска од рудникот САСА, преку електронска пошта на v.ristovska@sasa.com.mk или директно во локалната канделарија за комуникација со јавноста на САСА во Македонска Каменица.


На факултетот стипендирањето го гледаат како можност за зголемување на атрактивноста на студиските групи за студентите кои првпат се запишуваат.

„Завршените средношколци сега имаат уште еден мотив повеќе да ги одберат токму групите поврзани со рударската индустрија. Воедно, со ова Рудникот САСА и Централ Азија Металс уште еднаш го докажуваат партнерството со нашата образовна институција. Ова е дополнителен показател за чувството и разбирањето на САСА за потребите на заедницата. Веруваме дека оваа соработка ќе продолжи и во иднина“, рече проф. д-р Зоран Десподов, декан на Факултетот за природни и технички науки во Штип.

Стипендиите ќе бидат наменети пред сѐ за студенти кои доаѓаат од Македонска Каменица и од околните населени места, со што компанијата уште еднаш ја покажува долгорочната посветеност за одржлив развој на локалната средина во која се наоѓа и стопанисува.

За повеќе информации, заинтересираните кандидати за степендии можат да се обратат кај Венета Ристовска од рудникот САСА, преку електронска пошта на v.ristovska@sasa.com.mk или директно во локалната канделарија за комуникација со јавноста на САСА во Македонска Каменица.

Рудникот за олово и цинк САСА е во сопственост на Централ Азија металс (Central Asia Metals PLC) која котира на Лондонската берза и има долгорочни планови за развој на рудникот и на општествено одговорни проекти важни за просперитетот на локалната заедница и на економијата.

 

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе