Троицки се враќа на чело на Макфест!

  • Макфест промени повеќе директори, меѓу директорите беше и градоначалникот Захариев (?!) но баш во времето на вемерето Макфест доживува силна деградација, па оттука враќањето на човекот кој беше и е макфестовски бренд е само прашање на денот 

troicki Стојан Троицки, долгогодишен директор и заштитен знак на фестивалот на забавна музика Макфест, кој цели 23 години, од 1986 до 2009 година беше еден вид бренд на фестивалот, повторно се враќа на директорската позиција. Ваква, иако неформална информација добивме од Министерството за култура кое има намера многу посериозно да застане зад фестивалот кој некогаш беше најсјајната легитимација на Македонија во светот на забавната музика.

Фестивалот го доживеа своето раѓање и својот сјај токму во годините кога со него раководеше Троицки. Падот започна со неговата смена во 2010 година кога вмровската власт во Штип реши да си го присвои фестивалот, за најгрубата негова приватизација да се случи во периодот 2013 – 2017 кога со градот раководи Илчо Захариев.

Во овој најтемен период за Макфест, на директорската позиција се сменија 7-8 личности од светот на македонската забавна музика, а една година со фестивалот директоруваше и Захариев лично. Денес, на фб страницата на Макфест прва стои сликата на Илчо, а над неа пишува само „Организационен одбор прим.м-р Илчо Захариев“. Дали тоа значи дека сам Илчо е цел организационен одбор, не е тешко да се протолкува дека е тоа баш така. Уметнички директор е Љупчо Мирковски, а координатор Кирил Панајотов.

Во годините кога Захариев се „грижеше“ за фестивалот, него најмногу го имаше по медиумите во однос на Макфест. Илчо командуваше, менуваше временски зони на одржување, од есен кога секогаш му било време го промени во пеколното лето, Илчо водеше „грижа“ кој која награда да ја добие…

Таквата „филозофија“ доведе до тоа на првите две вечери да нема публика па билети беа делени на државните службеници во Општина Штип, во јавните претпријатија, по училиштата и сето тоа со потпис на оние кои ги примаа билетите за вечерта да се види дали тие ја пополниле голематаа сала на Домот на култура „Ацо Шопов“ со 616 седишта. Но и двете вечери салата секогаш си беше полупразна.

Во времето на Троицки (1997 година) Макфест го доби највисокото признание за квалитет во светот на забавната музика. Имено тогаш ФИДОВ, светската организација на фестивали на забавна музика, на Макфест му го додели признанието за најдобар фестивал во рамките на своето огромно семејство!

Дали Троицки уште од оваа есен (фестивалот од летен одново е префрлен во есенски термин, втората половина на месец октомври) ќе си го заземе местото од кое, на радост на Штип и штипјани им донесе многу радости, или тоа ќе остане за идната година, останува да кажат од Министерството за култура.

Во секој случај, враќањето на Троицки кој е сеуште со голема енергија и со исто таква љубов кон Макфест, ќе се случи ако не есенва, тогаш веднаш по одржувањето на негово овогодишно издание, како последно во режија на вемерето. А ова е време во кое фестивалот, а со него и Штип го доживеаја своето комплетнио понижување.

`

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе