ШТИП: ВМРО ДПМНЕ го чека ветениот живот, СДСМ обвинува за лажни вести

Штип, 12.04.2019

И денес како и деновите предтоа, ВМРО ДПМНЕ во Штип на изјава за медиумите го критикуваше СДСМ за неговите политики, а СДСМ како и секогаш во вакви прилики му возврати на политичкиот противник за недостаток на инспирација и ширење лажни вести.

Иван ЈОРДАНОВ, општински лидер на ВМРО ДПМНЕ РЕЧЕ:

-Трета година како СДСМ е на власт, а ние се‘ уште го чекаме ветениот живот за младите. Ја чекаме просечната плата од 500 евра, ја чекаме младинската гаранција за враќање на младите луѓе во Штип и загарантираното вработување на секој млад човек по завршување на свое образование, како што ветуваше СДСМ пред избори. Во меѓувреме, градот се празни, а се повеќе млади луѓе ја гледаат својата иднина надвор од нашата држава.

Господо од власта,

Вие не само што не работите да ги вратите младите, туку трета година директно придонесувате за иселување и понижување на младите.  Времето на лажен популизам и манипулација со младите заврши. Маските паднаа, а вие ќе завршите на темната страна на историјата, која ќе ве памети како најлоша власт до сега во Македонија. Затоа, на овие избори, младите ќе бидат тие кои што ќе го стопираат и казнат вашиот лажен живот, рече Јорданов.

СДСМ со писмо против лажните вести на опозицијата

-ВМРО-ДПМНЕ секојдневно бара алиби за извесниот пораз на претседателските избори. Очајот и нервозата се толку видливи што измислуваат, конструираат случаи и причини во обид да најдат алиби за изборниот период.

ВМРО ДПМНЕ ќе остане запаметена како партија симбол на отуѓувањето и бркањето на сопствената младина. ВМРО-ДПМНЕ не може да понуди ништо освен матрица на лажни вести, измислици и конструирани непостоечки случаи.

Фактите говорат против неоснованите напади.

Во изминатите две години, Владата на Република Северна Македонија со конкретни мерки ги подобри условите за живот за младите:

– Агенцијата за вработување во 2018 година поддржа 1191 бизниси отворени од наши граѓани кои ја искористиле мерката за самовработување. Од нив 509 се млади. Не 15, туку 509.

– Во 2018 година се отвориле вкупно 26.600 нови работни места. Не 15.

– Четиристотини дваесет и четири млади земјоделци, не 15, добија поддршка да започнат сопствен бизнис, да инвестираат во производство или да набават механизација, преку грантови од по 10.000 евра.

Се прашуваме, што имаат ВМРО-ДПМНЕ против новите 26 илјади работни места во нашата земја, што имаат против инвестициите, против развојот на земјоделството и против растот на БДП?

Почитувани сограѓани,

Ова се само дел од конретните мерки со кои оваа Влада директно придонесува кон подобрување на условите за живот на сите граѓани.

Со добивањето датум за почеток на преговорите, ситуацијата дополнително ќе се подобри, затоа што од европските фондови ќе ни бидат достапни огромни средства. И сето ова носи подобар живот, стандард, нови работни места, инвестиции.

И покрај злонамерните и неосновани критизерски испади на партијата која повеќе од деценија ги ништеше државните и граѓанските интереси, Северна Македонија покажува стапки на раст како што не сме имале до сега. Тоа покажува дека сме на добар пат и треба да продолжиме напред. ЕУ и НАТО носат подобар живот за младите и затоа го одиме истиот пат сите заедно напред, возвратија со отворено писмо од СДСМ…

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе