ШТИП: Здравко Коцев нов директор на ЈП „Исар“, Трајче Коштанов на ЈП „Стипион“

Штип, 22.03.2021

Првиот ден на пролетта донесе многу снег, а во Штип и нови директори на двете јавни претпријатије кои го „држат градот“.

Нов директор на ЈП „Исар“ е Здравко Коцев, кој и порано ја обавувал оваа функција, а нов директор на ЈП „Стипион“ е Трајче Коштанов

За разлика од Здравко Коцев Трајче Коштанов не е добро познат на штипјани по неговите капацитети да раководи со важно јавно претпријатие какво што е „Стипион“, но сигурно е дека градоначалникот д-р Сашко Николов, чие ексклузивно право е да поставува луѓе од доверба на челните места во јавните претпријатија основани од Општина Штип верува во Коштанов исто како што верува во Коцев и оттука неговата одлука. Коштанов досега беше координатор за соработка помеѓу двете јавни претпријатија како личност вработена во кабинетот на „таткото“ на градот.

Кога го превзеде мандатот градоначалникот Николов беше дециден дека ќе остави бонус период од три месеци да види како ќе работат двете јавни претпријатија и дека дури потоа ќе носи кадровски одлуки ако за такво нешто е потребно. Денес тој изјави дека сменетите директори на јавните претпријатијата добро си ја извршувале работата, но и дека Општина Штип е пред период на интензивна градежна активност за што во двете претпријатија е потребна нова енергија која ќе дојде со новите директори.

Досегашните директори Живко Тасев на ЈП „Исар“ и Сашко Протогеров на ЈП „Стипион“ остануваат советници во своите претпријатија, а градоначалникот е со идеја да станат советници и во тимот на неговиот кабинет.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе