Ќе влезат ли инспекциите во „Зона Трико“ и во „Кадоро Око“?

Штип, 03.04.2017

  • Упатен е јавен и гласен сигнал дека на работниците од текстилната и кожарската индустрија им е потребна сериозна правна поддршка за оставрување на нивните со закон стекнати права, а поради тоа КУЦ „Текстил“ и Хелсиншкиот комитет од утре обезбедуваат бесплатна правна помош за овие работници секој работен ден од 16 до 20 часот во просториите на КУЦ „Текстил“.

Работниците од текстилната и кожарско-чевларската индустрија во фирми во кои се нарушени нивните елементарни работнички права, се осмелија и преку  протести си ги побараа своите права. Според КУЦ „Текстил“-Штип, Здружение на граѓани на текстилни и кожарски работници на Македонија, вработените во „Зона Трико“-Виница и во „Кадоро Око“-Крива Паланка кренале работнички бунт барајќи од своите газди, но и од институциите на државата да ги почитуваат законите во однос на нивните работнички права.

-Во Виница, 250 работници на „Зона Трико“ се собраа на протест попради осум неисплатени плати. Ние бевме со работниците за време на протестот и заедно ги повикавме државните институции, трудовата инспекција и УЈП пред се, да влезат во фирмата, квалитетно да си ја извршат својата обврска и да ги заштитат овие работници. Во Крива Паланка, во фирмата „Кадоро Око“ која е странска инвестиција и која е од кожарско-чевларската индустрија, работниците излегоа на протест поради две неисплатени плати. Таму на двапати имавме разговори со општинското раководство со цел да им се помогне на овие работници, рече Горан Трајков, од КУЦ „Текстил“. Трајков посочи дека тие на двапати за проблемот разговарале со градоначалникот на Крива Паланка Арсенчо Алексовски, но при вториот разговор и самиот Алексовски им кажал дека странскиот инвеститот на „Кадоро Око“ и него го измамил со ветување дека на работниците ќе им ги исплати платите, а тоа не го направил.

Виничката трикотажа „Зона Трико“ стана планетарно позната по тоа што нејзиниот газда четири месеци на работниците им даваше плата од по еден денар, а наредните четири месеци не им ја исплаќаше и таа „голема пара“. –„Со овие работници сме бидејќи тие синдикат немаат и нема кој да ги штити нивните права. Затоа бараме да се направи детален увид во работењето на фирмите во Виница и во Крива Паланка во однос на исполнување на правата на работниците кои со закон им се загарантирани ама не се оставруваат во пракса“, рече Кристина Ампева од „Гласно“.

Според Игор Јандревски од правната служба на Хелсиншкиот комитет, правата на оваа група работници се далеку од добри.-„Тоа нам ни сигнализира дека е неопходно на оваа група работници да им обезбедиме бесплатна правна помош која од утре, вторник 5 април, секој работен ден ќе работи од 16 до 20 часот во просториите на КУЦ „Текстил“, рече Јандревски.

 

 

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе