Американската војска и денеска изврши напади врз Иран, втор ден по ред и неколку часа откако претседателот Доналд Трамп изјави дека привремениот договор за прекин на војната е завршен. Доцна во среда, иранските државни медиуми објавија експлозии во пристанишниот град Бандар Абас во Ормускиот теснец; во Сирик, друг јужен крајбрежен град и југозападната покраина Бушер, каде што се наоѓа комплексот на нуклеарна централа на Иран.
Трамп напиша на Truth Social: „Ова е одмазда за вчерашното бомбардирање на бродови од страна на Иран. Ако се случи повторно, ќе биде многу полошо!“
Централната команда на САД ги потврди нападите, објавувајќи на X: „По наредба на Врховниот командант, силите на Централната команда на САД започнаа со спроведување дополнителни напади врз Иран за дополнително да ја деградираат нивната способност да ја загрозат слободата на пловидба во Ормускиот теснец.
Во вторник беа нападнати три товарни бродови што транзитираа низ Ормускиот теснец, што доведе до најобемна размена на оган меѓу двете страни откако беше потпишан привремениот договор минатиот месец. Министерството за финансии на САД, исто така, го отповика привременото ослободување од санкции за Техеран за извоз на нафта.
Најновата ескалација ги поткопа надежите за претворање на меморандумот за разбирање потпишан меѓу двете страни на 17 јуни во траен договор за завршување на војната.
Откако ги нападна американските воени објекти во Бахреин и Кувајт во среда, Иран повторно ги таргетираше утрово, при што сирените се огласија најмалку двапати во Бахреин, каде што се наоѓа седиштето на Петтата флота на морнарицата на САД. Немаше веднаш информации за штета. Кувајтската војска соопшти дека активно пресретнува дојдовни беспилотни летала и ракети. Се очекуваше ноќните напади да бидат поголеми од оние извршени во првата рунда, изјави неименуван американски функционер за Ројтерс.
Иранската државна телевизија извести дека на островот Абу Муса се слушнале дополнителни експлозии. Островот е еден од трите мали острови што ги бараат Обединетите Арапски Емирати, а кои се основа на контролата на Иран врз Ормускиот теснец.
Иранската новинска агенција Мехр објави дека нападите врз покраината Бушер во јужен Иран не предизвикале штета на нуклеарната централа Бушер.
Порано на самитот на НАТО во Анкара, Трамп рече дека САД „веројатно повторно силно ќе го погодат Иран вечерва“, а подоцна додаде дека најновите напади нема да резултираат со долгорочна воена акција.
„Сè што ќе се случи ќе се случи многу брзо“, рече Трамп, иако исто така сугерираше дека американската војска можеби „само ќе ја заврши работата“.
Тие се однесуваат многу лошо“, рече тој, обвинувајќи ја земјата за лансирање беспилотни летала и ракета врз бродови.
Иран тврди дека привремениот договор за прекин на огнот му дава право да управува со сообраќајот низ теснецот.
Неговиот претседател на парламентот, Мохамед Багер Галибаф, клучен преговарач во разговорите за траен крај на војната, напиша на X: „Ерата на малтретирање и изнудување е завршена. Тоа не води никаде. Ние не се откажуваме“.
