Ништо од првата инвестиција во индустриската зона во Овчеполието

Свети Николе, 12.03.2017

  • До септември, 2014 година во првата фабрика во зоната требаше да работат 35 лица, а до овој момент 450, но далеку е денот до пуштањето на „печуркарата“ во работа, ако таа воопшто се изгради

И по три цели години нема ништо од помпезно најавуваната фабрика за печурки во новата индустриска зона на Свети Николе, лоцирана покрај железничката станица Овче Поле. Фабриката која започна да се гради во еден многу студен февруарски ден во 2014 година, е далеку од тоа да се нарече фабрика за што говори и фотографијата која ја направивме деновиве. Во неа беше најавено вработување на 450 лица.

Зошто е далеку од реализација проектот кој беше озваничен како прва фабрика во индустриската зона на Свети Николе во овчеполската метропола нема кој да одговори. Целата зона од 63 хектари површина е сосема слободна, без ниту една фабрика, освен ако за тоа не се сметаат ѕидовите на „печуркарата“.

Пред три години камен емелникот го поставија тогашниот премиер Никола Груевски и Теодорос Ван Кампен, генерален менаџер на холандска фирма која стои зад овој проект. Холанганите во нашата држава формираа и своја фирма по име „ИД Балкан ДОЕЛ“  со седиште во Тетово.

Груевски тогаш оваа инвестиција ја најави како нешто кое треба да го прероди Овчеполието, а е дел од од агендата на Владата за привлекување на странски инвестиции.

„Ова е голем ден за Свети Николе зашто по долго време на овој простор започнува да се реализира голема инвестиција. Во првата фаза која треба да биде завршена до месец септември годинава ќе бидат инвестирани 3,5 милиони евра и ќе се вработат триесеттина работници за кога фабриката ќе биде готова во неа да се вработат 450 лица. Овој капацитет ќе го заживее регионот и ќе донесе значајни придобивки за Свети Николе. Морам да истакнам дека и самата општина имаше и има посебен однос кон инвеститорите“, посочи тогаш Груевски.

„Фабриката за бели, свежи печурки ќе ја градиме етапно. Дури 90 проценти од производството ќе биде наменето за извоз, при што готовите производи од оваа фабрика ќе одат директно во складиштата во Холандија.  Во нашите планови е кога фабриката, која ќе биде најголема за производство на бела свежа печурка ќе биде целосно изградена, овде да работат 400 лица“, порача Ван Кампен во своето обраќање. Тој тогаш не го слушна Груевски кој најави 50 работни места повеќе.

Во почетните месеци од 2014 година започна да се гради фабриката, за потоа цели 2,5 години таму ништо да не се работи.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе