Штип, 16.08.2023
Штип се подновува и разубавува со нов моста на реката Отиња и три катни гаражи. Со овие зафати градот решава два горливи проблеми во поглед на своето квалитетно функционирање, проблеми од сообраќајната сфера.
Новиот мост спроти гимназијата „Славчо Стојменски“ е всушност близнак на постојниот и е во завршна фаза. Според градежната компанија „Коле транс инженеринг“ која ги изведува работите, истиот ќе биде зваршен за период од најмногу еден месец по што ќе биде пуштен во функција.
Овој мост ќе го олесни сообраќајот во центарот на градот зашто возачите кои возат по десната сообраќајна лента покрај Отиња со изградбата на мостот нема повеќе да мораат да возат подолго за да се вклучат на патот од левата страна на реката, што ќе го забрза протокот на возила во најкултниот дел на Штип и ќе ги намали познатите сообраќајни гужви.
Во исто време кај Домот на култура „Ацо Шопов“ се гради првата катна гаража во историјата на Штип. Според градоначалникот Иван Јорданов, оваа гаража ќе биде готова за два месеци, а на два ката таа ќе има 55 паркинг места.
Катна гаража годинава ќе започне да се гради и кај пораншената стоковна куќа на Нова Трговија исто така во централното градско подрачје, а трета катна гаража е планирана кај зградата која штипјани ја знаат како „Промајата“.