Она, што ние, не можеме да го изградиме за една деценија, во соседна Албанија се гради за година-две. Серпентините од Валона натаму кон Дерми, сега се веќе минато, оставени за авантуристите. Патниците, низ новиот тунел, стигнуваат за десетина минути, а од тука кон југ Албанија отвори нови перспективи, се до границата со Грција и натаму кон Крф.
Во план е и нова, европска приморска супер магистрала.
Реалност е и магистралата од границата со Македонија, од Ќафасан до Елбасан и натаму двата правци, кон Тирана и приморјето.
Еди Рама вака го сака и афирмира албанството. Не со смешно и надминато романтичарство од пред вековите, туку со развој и услови за подобар живот на своите граѓани. Таму, во име на албанството, се гради, а овде се кради! Таму не е никаква гордост, татко ти и мајката да се од Косово! Напротив? Затоа постанува балканска туристичка велесила. Како новинар на ТАНЈУГ, во повеќе наврати, сум се сретнал со Сали Бериша и Фатос Нано. Со Бериша имавме и некакви пријателски релации. Рама не сум го сретнал, но очигледно станува збор за модерен и европски определен политичар. Човек со јасен став, во секој случај ослободен од националистички фрустрации, за жал, сеуште присутни кај првенците на политичките партии кај нас и секако на Косово. Затоа Албанија наскоро ќе биде развиен запад за Македонија и Косово, а овдешните Албанци да не очекуваат привелегии и предности таму, само затоа што се Албанци. Бизнисот и напредокот не функционираат така. По која логика утре во супер луксузните хотели на супер – зетот, Кушнер, некој би имал предност само затоа што е Албанец? Дефинитивно, помина времето на етничките клучеви. Време е на сеопшта глобализација, а кој мисли поинаку, ќе остане заклучен во минатото, за жал, и сите ние, заедно со него. Да бидам конкретен, многу непријатно ме изненади новиот спикер на парламентот. Ми делуваше како современ и не оптоварен политичар, но не било така, испрати многу лоша порака за поновата генерација политички претставници.