Гувернерката Ангеловска-Бежоска: Очекуваме постабилен економски амбиент во 2025 година

Во очекување на економски подобра 2025 година, во која инфлацијата би продолжила да се стабилизира, а растот би забрзал, да се навратиме накусо на годината на која веќе ѝ ги одбројуваме деновите и да се потсетиме на предизвиците и резултатите во неа. Секој внимателен преглед на нашите чекори, предизвици и успеси е патоказ кон поуспешна иднина, посочи Гувернерката Анита Ангеловска-Бежоска од Народната банка.

„Во 2024 година, успешно ја задржавме макроекономската стабилност, вклучително и стабилноста на денарот, со раст на девизните резерви до ниво кое е четириесетина проценти над нивото пред пандемијата. Одржувањето на стабилниот курс на домашната валута во времиња исполнети со предизвици е јасен показател за капацитетите на нашата централна банка и наш влог во кредибилитетот на политиките коишто ги водиме“, вели таа во новогодишната белешка.

Ангеловска-Бежоска додава оти резултатите од монетарната политика во 2024 година се согледуваат и преку натамошната стабилизација на инфлацијата, којашто по просечната стапка од 9,4% во 2023 година, во првите десет месеци од оваа година е сведена на 3,4% и се очекува натамошно постепено забавување и следната година.

“Доколку се задржат овие поволни трендови кај инфлацијата и на девизниот пазар, без да има остварување на поголеми ризици, може и догодина да се очекува натамошно постепено и претпазливо олабавување на каматната политика од страна на Народната банка“, вели гувернерката.

Благодарение на внимателното водење на монетарната политика и напоредното носење макропрудентни мерки од страна на централната банка, покрај намалувањето на инфлацијата, зајакната е и финансиската стабилност.

„И во кризниот период, банкарскиот сектор беше столбот на стабилноста на која се потпираа економијата и бизнисот, додека неговата отпорност беше дополнително зајакната преку мерките коишто ги носеше Народната банка. Притоа, стапката на адекватност на капиталот достигна 19%, што е највисоко ниво во последните седумнаесет години, додека учеството на нефункционалните кредити во вкупните е на историски ниски 3%. Растот на депозитите од граѓаните и фирмите забрза и овозможи задржување на кредитниот раст, притоа особено е важно што денарските и долгорочните депозити остварија двоцифрен раст, што јасно говори за довербата во банкарскиот систем и во домашната валута“, се вели во новогодишната белешка на гувернерката на Народната банка.

Во годината што следува, вели таа, нема дилема дека одржувањето на макроекономската стабилност ќе биде и понатаму приоритет, бидејќи е клучен предуслов за повисок економски раст.

Исто така, најавува оти Народната банка ќе биде посветена и на поддршката на структурната трансформација на нашата економија.

„Зелената транзиција и дигитализацијата не се само модерни приоритети, туку се стратегиски насоки коишто го отвораат патот кон одржлив раст, нови работни места и подобра конкурентност. Народната банка и натаму активно ќе го поддржува зеленото финансирање, со што ја поттикнува еколошката одговорност во економските активности. Воедно, со поддршката на финтек-секторот и дигиталните иновации, создаваме нови можности за модернизација на финансиските услуги, подобра достапност за граѓаните и поттик за раст на претприемаштвото“, вели Ангеловска-Бежоска.

„Зад нас оставаме година во која научивме важни лекции и направивме значајни чекори напред. Пред нас е нова година којашто нуди нови можности. Преку сигурни економски политики ќе ги искористиме можностите, а притоа внимателно ќе управуваме со ризиците коишто и натаму ќе постојат. Заеднички, со соодветни макроекономски и структурни политики, можеме да изградиме економија што е стабилна, инклузивна и што е подготвена да се соочи со предизвиците на утрешниот ден“, додава гувернерката.

Постави коментар

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе