Борислав Крмов, Горан Мисовски, Артан Груби, Александар Даштевски, Фатмир Меџити, Талат Џафери, Арбер Адеми, Илир Демири, се само некои од поранешните пратеници, министри и директори кои Државната комисија за спречување на корупција (ДКСК) ги казни со парична казна од по 300 евра, соопштија денеска оттаму. Тие објавија листа со над 80 поранешни и актуелни функционери кои го прекршиле законот.
„Во согласност со член 98 од Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси има обврска јавно да ги објави информациите за извршените контроли, спроведените постапки и глобите кои се изречени за сторените прекршоци. Досега од донесувањето на Законот за спречување на корупцијата и судирот на интереси, ДКСК ги нема јавно објавувано овие информации, а Комисијата најавува дека ова во иднина ќе биде редовна пракса. Јавно објавените информации ќе бидат достапни во период од две години по нивното објавување, а истите содржат сторител на прекршок, прекршок, опис на дејството кое претставува прекршок и висината на изречена глоба“, соопштуваат оттаму.
Како што се додава во соопштението, преку објавување на овие информации, ДКСК има за цел да ја информира јавноста за да ги охрабри граѓаните и институциите да се придржуваат до правните норми.
„Очекуваме дека со исполнување на оваа законска обврскa ќе се зголеми довербата во процесите на надзор и контрола, но и ќе се зајакнат напорите за ефикасно спречување на корупцијата и судирот на интереси во Република Северна Македонија. ДКСК смета дека оваа мерка е исклучително значајна за зголемувањето на транспарентноста и отчетноста на секоја институција во борбата против корупцијата“, се додава во соопштението.
На овој линк се наоѓаат имињата на сите функционери кои ќе треба да платат парични казни.