Снаата на пратеничката Митовска поставена за в.д директор на СОУ “Ѓорче Петров”1
Крива Паланка, 17.05.2017
- За време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, се вработија скоро сите членови на потесната фамилија на Митовска, некои од нив добија високи раководни позиции, а Митовска стана за потсмев со изјавата дека со доаѓањето на вемерето на власт кривопаланчани престанале да се иселуваат!
За вршител на должноста директор на кривопаланечкото средно училиште е назначена Виолета Станковска – Станојковска, сопруга на братот на пратеничката од ВМРО-ДПМНЕ, Слаѓана Митовска.
Митовска која стана позната на јавноста по настапот во Собранието со тврдење дека со доаѓањето на нејзината партија на власт во 2006г, од тогаш граѓаните на Крива Паланка воопшто не се иселувале во странство туку според неа, тука ја гледале својата иднина, нешто за што наиде на потсмев кај сите кривопаланчани, таа иста пратеничка изгледа не е толку наивна.
Имено, за време на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ, се вработија скоро сите членови на потесната фамилија на Митовска, но и некои од нив добија високи раководни позиции.
Ако почнеме од пратеничката, таа се вработи во Центарот за социјални работи во Крива Паланка, веднаш по доаѓањето на власт на ВМРО-ДПМНЕ во 2006г. Додека таа е пратеничка, нејзиниот сопруг се вработи во министерство за земјоделство, братот на нејзиниот сопруг стана директор на подрачната единица на ЈП “Македонски шуми”, неговата сопруга се вработи во Основниот суд во Крива Паланка а од вчера, снаата за брат на пратеничката е назначена за в.д директор на СОУ “Ѓорче Петров”. Што е многу, многу е!
И додека по неуспехот на партиското раководство на ВМРО-ДПМНЕ да формира Влада, секојдневно по социјалните медиуми се поголем број на активисти и членови на досегашната владејачка партија го искажуваат својот гнев и револт до одредени високи функционери кои според нив забегаа од власт и профитерство, до пратеничката од Крива Паланка овие реакции изгледа не допираат.Таа, се чини, е имуна на секоја внатрепартиска критика и ги користи последните денови на власт за да финансиски го згрижи секој член на нејзината потесна фамилија, наспроти многуте вмровци кои со години се манипулирани.
По вчерашното именување на снаата на пратеничката за в.д директор, до нас како редакција пристигнаа голем број на поплаки од стари вмровци кои најавуваат внатрепартиско чистење од ваквите кадри, а втора опција е премин во новиот фронт кој го најавија Георгиевски, Бошковски и Ангелов.
Како и да е, за ВМРО-ДПМНЕ доаѓа бурен период во кој ќе им треба многу умешност за да го неутрализираат гневот на разочараното членство кој е собран сиве овие години.
(а.б.)