Рускиот претседател Владимир Путин изјави дека досега не се појавила потреба за употреба на нуклеарно оружје во Украина и изрази надеж дека тоа и нема да се случи, јавува Асошиејтед прес.
Во најавата за интервју за руската државна телевизија, објавена во неделата на Телеграм, Путин рече дека Русија има доволно сила и средства за да го доведе конфликтот во Украина до „логичен крај“.
Одговарајќи на прашање за украинските напади врз руска територија, Путин изјави: „Нема потреба од употреба на тоа (нуклеарно) оружје… и се надевам дека нема ни да има“.
„Имаме доволно сила и средства за да го доведеме она што започна во 2022 година до логичен крај, со резултат што ѝ одговара на Русија“, додаде тој.
Во ноември 2024 година, Путин потпиша ревидирана верзија на руската нуклеарна доктрина, која ги дефинира условите под кои може да биде употребено нуклеарното оружје. Новата верзија ја намалува прагот за таква употреба, дозволувајќи ја како одговор дури и на конвенционален напад поддржан од нуклеарна сила.
Русија и Украина сè уште се во судир околу спротивставени предлози за прекин на огнот.
Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, во изјава од петокот објавена во саботата, рече дека руската најава за 72-часовен прекин на огнот следната недела по повод Денот на победата во Втората светска војна претставува само обид да се создаде „мека атмосфера“ пред годишните прослави во Русија.
Наместо тоа, Зеленски повторно повика на посуштински прекин на огнот во траење од 30 дена, како што првично предложија САД. Тој истакна дека прекинот може да започне во секое време како значаен чекор кон крај на војната.
Во понеделникот, Путин прогласи едностран 72-часовен прекин на огнот во Украина по повод Денот на победата, додека САД продолжуваат да притискаат за мировен договор што би го ставил крајот на тригодишниот конфликт. Кремљ соопшти дека прекинот на огнот, наречен „од хуманитарни причини“, ќе трае од почетокот на 8 мај до крајот на 10 мај, во чест на поразот на нацистичка Германија во 1945 година — најголемиот световен празник во Русија.
Во меѓувреме, руски напад со дронови извршен ноќта врз украинската престолнина Киев повреди 11 лица, соопшти украинската Државна служба за итни случаи во неделата. Меѓу повредените има и две деца.
Нападот ја разбудил Валентина Фесјук, 83-годишна жителка на округот Оболон во Киев.
„Спиев кога куќата се затресе. Беше 12:30. Стан на 12-от кат се запали“, изјавила таа за АП.
И автомобилот на друг жител, Вјачеслав Хотаб, се запалил.
„Го видов автомобилот во пламен. Бев покриен со скршено стакло. Не можев ништо да направам“, рече тој. Хотаб изразил разочарување од застојот во мировните преговори: „Не можат за ништо да се договорат, а ние ги трпиме последиците“.
Дарина Кравчук, 18-годишна студентка, вака го опишува нападот: „Пет-шест минути откако беше активирана воздушната тревога, слушнавме силна експлозија, сè почна да се тресе… Имаше три удари речиси по ред по тревогата“.
„Многу е страшно да се сведочи ова. Веќе долго време страдаме. Луѓето постојано страдаат… Тешко е да се гледа како ни се уништува земјата“, рече таа.
Едно лице загина во неделата кога руска наведувана бомба погоди село близу границата во североисточниот регион Суми, соопшти гувернерот на областа, Олег Хрјоров.
Украинските воздушни сили соопштија дека Русија ноќта лансирала вкупно 165 експлозивни дронови и мамци. Од нив, 69 биле пресретнати, а уште 80 се изгубиле, најверојатно поради електронско пречекување. Русија лансирала и две балистички ракети.
Министерството за одбрана на Русија, пак, соопшти дека нивната противвоздушна одбрана срушила 13 украински дронови во текот на ноќта.