Идеална собна температура преку ден е 21 степени, а ноќе 18 степени, но во период на топло време најдобро е собната температура да се одржува околу 25 степени. Ако температурата надвор е повисока отколку внатре, со отворање на прозорците може да изгубите релативно поладно засолниште, информира Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), од каде што објавија препораки за разладување на внатрешни простории во услови на високи температури.
„Во периодот од 11 до 17 часот затворете ги прозорците и завесите, надворешните или внатрешните ролетни во просториите свртени кон сонце. По потреба, може да се користат и чаршафи или крпи. Отворете ги прозорците кога воздухот се чувствува поладен надвор отколку внатре, со соодветна заштита против инсекти. Употребата на електричните уреди создава топлина. Исклучете ги грејните тела, како и електричната опрема и светлата што не се во употреба. Електричните вентилатори можат да помогнат, но само ако температурата е под 35 степени“, се вели во препораките.
Оттаму препорачуваат, за поголема ефикасност и економичност на ладењето, изладете една или две соби наместо цела куќа.
„Гответе во поладно време од денот. Употребата на рингли или и рерна да биде колку што е можно пократко време, а пред и по употребата да следи соодветна аклиматизација на просторијата каде се употребувале истите. Дрвјата се одличен начин да се одржуваат градовите ладни. Дури и едно дрво на улица или градина дава мерливи придобивки. Особено поволен ефект за ладењето даваат дрвјата со голема крошна. Размислете и за садење на дрвја, чии позитивни придобивки ќе ги почувствувате вие и идните генерации. Правилното управување со топлината во внатрешни простории и надворешната средина не само што ги подобрува условите за живеење, туку значајно ги намалува ризиците по здравјето поврзани со високи температури“, се додава во препораките.
Во Управата за хидрометеоролошки работи, во периодот од 8 до 13 август најавија зголемување на дневните температури, кои во одделни региони може да достигнат до 39 степени. По тој повод, и Министерството за здравство излезе со препораки.
„Престојувајте во затворени, разладени простории, особено во периодот од 11:00 до 17:00 часот. Внесувајте доволно течности, избегнувајќи алкохол и засладени пијалоци. Носете лесна, светла облека и користете заштита за глава и очи. Избегнувајте физичка активност во најтоплите часови од денот. Посветете внимание на деца, стари лица, лица со хронични заболувања и бремени жени – овие групи се особено чувствителни на високи температури“, препорачаа во министерството.