Орце Ѓорѓиевски, кандидатот на коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ е новиот градоначалник на Скопје. Тој го победи противкандидатот од Левица Амар Мециновиќ, со освоени над 95.000 гласови.
Ѓорѓиевски, кој досега беше градоначалник на општината Кисела Вода, ја освои поддршката на граѓаните во сите скопски општини освен во Центар, каде што Мециновиќ освои околу 850 гласови повеќе.
Синоќа, славејќи ја победата Ѓорѓиевски помина под триумфалната порта во Скопје и порача дека неговиот мандат ќе биде за работа и за дела, а не за изговори. Тој уште еднаш го повтори ветувањето од кампањата, дека Скопје ќе го исчисти за 72 часа. Најави дека чистењето ќе почне уште неделава, кога ќе ја преземе градоначалничката функција.
„Нашата борба не завршува тука, само што почнува. Влегуваме во ново време, време на работа и на дела, не на изговори. Ние нема да застанеме додека секој човек не се чувствува горд што живее во Скопје. Ќе се борам против небрежноста, против хаосот, безредието и рамнодушноста која му ја оставија на овој град. Ќе се борам за секое дете што заслужува подобра иднина, за секој човек што бара достоинство“, се дел од ветувањата на Ѓорѓиевски.
