Денеска во Јуроп хаус во Скопје ќе биде доделана Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство 2025 за најдобра истражувачка сторија во Северна Македонија за изминатата година. Настанот е во организација на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници, Томсон медија и Делегацијата на Европската Унија во Скопје, а официјално обраќање на церемонијата ќе имаат ЕУ амбасадорот Михалис Рокас и претседателот на жири-комисијата за наградата на ЕУ за истражувачко новинарство, Валентин Нешовски.
Наградниот фонд за 2025 година, за истражувачки стории објавени во 2024 година, изнесува 10.000 евра. Првата награда изнесува 5.000 евра, втората 3.000 евра и третата 2.000 евра.
Жири комисијата за ЕУ наградите за истражувачко новинарство се состои од медиумски експерти, од членовите на проектниот конзорциум, како и од реномирани новинари, уредници и членови на академската заедница.
Наградата на ЕУ за истражувачко новинарство во земјите од Западен Балкан и во Турција е основана од Европската Унија во 2015 година со цел да ги промовира извонредните постигнувања во истражувачкото новинарство, како и да го истакне квалитетното новинарство во земјите од Западен Балкан и Турција. На конкурсот можеа да се пријават истражувачки стории објавени од медиуми во Северна Македонија во периодот од 1 јануари до 31 декември 2024 година, во кои се обработуваат теми од слобода на изразување, владеење на право, транспарентност, злоупотреба на моќ и фундаментални права, корупција и организиран криминал.
