Од 18 до 26 септември седмо издание на Скопски градски фестивал

Од 18 до 26 септември ќе се одржи седмото издание на Скопскиот градски фестивал, годинава со програма посветена на музичкиот и културниот дијалог меѓу Македонија и земјите од регионот. Организатор на фестивалот е Баги Комуникации.

Фестивалот ќе донесе уметници од Македонија, Словенија, Албанија, Грција, Црна Гора и Бугарија, во концертни проекти што ги поврзуваат џезот, класичната музика, современото авторско творештво и музичкото наследство на Балканот. Дел од програмата се создава специјално за фестивалот, со нови соработки и премиерни изведби.

– Во седмото издание сакавме регионалната соработка да не остане само на ниво на гостувања, туку фестивалот да биде место каде музичарите навистина се среќаваат и создаваат заедно. Оттука и програмата што поврзува различни генерации, музички јазици и традиции, но и уметници од шест земји кои делат многу повеќе отколку што ги делат границите, велат организаторите од Баги Комуникации.

Во рамките на фестивалот ќе настапи словенечкиот саксофонист и композитор Васко Атанасовски заедно со Profundus.

Проект создаден специјално за годинашното издание ги обединува меѓународно афирмираниот македонски контрабасист Мартин Ѓаконовски, албанскиот пијанист и композитор Gent Rushi и грчкиот хармоникаш Thanos Stavridis. Тројцата музичари специјално компонираат заедничко дело, кое својата премиерна изведба ќе ја има токму на фестивалот.

Во програмата е и пијанистката Милјана Николиќ со проектот „Балкански композитори“, посветен на творештвото на современите автори од регионот.

Истата фестивалска вечер свој самостоен настап ќе има и македонскиот гитарист и мултиинструменталист Мухамед Ибрахими, чиј авторски израз ги поврзува ориенталните музички влијанија со современата акустична и амбиентална музика.

Македонскиот виолончелист Антонио Илиоски и бугарската пијанистка Јана Василева Лолова на Скопскиот градски фестивал ќе ја одржат концертната промоција на албумот „Beyond The Silence“.

Веб -страницата користи колачиња. Со клик на Прифаќам се согласувате со политиката на приватност и колачиња. Прифаќам Повеќе